Вучиќ: Изложени сме на навреди и најдиректни закани, целта е уништување на Србија

Се обидуваат да ја испровоцираат Србија да направи нешто за што би требало да интервенира НАТО, вчера имаше недвосмислен повик за конфликт, а десетпати спомнувањето на наводната големосрпска политика е јасно таргетирање, а целта е уништување на Србија, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ во денешното обраќање пред јавноста, јави дописникот на МИА од Белград.

-Конфликтот на територијата на Украина од 22 февруари, пред две и пол години, многумина во околината се обидоа да го искористат за конечен напад врз Србија, рече Вучиќ, додавајќи дека за нив е добродојдена само понижена Србија, економски уништена и политички растргната со поделени територии.

Тој оцени дека вчера имал можност да ги проследи настаните во Сребеница каде е одбележана „29-годишнината од масакрот“. Како што додаде, наместо тоа да биде можност за зборови на помирување и почит кон жртвите, граѓаните на Србија, српскиот народ и Република Српска беа изложени на навреди и на најдиректни закани.

Ако Србија прифати се што и се прави и што бараат, кажа Вучиќ, тоа е повик за војна.

-И она што беше кажано вчера беше отворен повик за војна, бидејќи во еден краток говор најмалку десет пати се споменува големосрпскиот протагонист, големодржавниот проект и великосрпската декларација, што е јасно таргетирање и покажува каков треба да биде одговорот на непостоечката големосрпска политика. Ова треба да заврши со конечен слом на Србија, бидејќи само таква Србија е добра за нив, онаа која работи по нивни диктат, кажа српскиот претседател.

Тој додаде „граѓаните на Србија сиве овие години слушале обвинувања дека Србија се вооружува, дека само чека да започне нова војна, дека сум слуга на Путин, се со цел морално да се осакати Србија“.

Прочитајте и:  Медиуми во ЕУ: Путин го пречекори опасниот праг

-И ова се случува преку изјави од регионот дека Србија е руски застапник, преку лажно обвинување на Србија дека сака војна, иако Србија тоа не го сака. И на крајот ни припишуваат недостатокот на демократија и дека овде владее диктатура, за да се покаже севкупниот антизападен пристап на Србија, за да се бара од Западот априори поддршка за понатамошни дејствија против нашата земја, рече претседателот на Србија.

Вучиќ порача дека Србија нема да падне на провокациите кои доаѓаат од Босна и Херцеговина, ниту ќе војува со Бошњаците.

-Ви велам сега отворено – нема да војуваме против вас, можете да правите што сакате, можете да измислувате, можете да провоцирате колку сакате, а ние нема да војуваме против вас. Ние несакаме да војуваме против Бошњаците А тоа е мојата порака и на Бошњаците во Србија и на Бошњаците во Босна и Херцеговина, нагласи Вучиќ.

Претседателот на Србија посочи дека Република Српска одлучила да ја одложи седницата за раздружување со Федерацијата Босна и Херцеговина.

-Забележавте дека ова никаде не е новост? Знаете ли зошто не е вест? Затоа што тие не сакаат да престане нешто такво, поради желбата за конфликт плус интервенција на НАТО. А тоа е заедничко и за Приштина и Сараево и многу други, рече Вучиќ.

- Реклама -