Вучиќ: Се надевам на воспоставување брза пруга меѓу четирите земји Унгарија, Србија, Македонија и Грција

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска во Белград, по средбата со унгарскиот претседател Тамаш Шујок, кој е во официјална посета на Србија, изјави дека се надева дека ден пред отворањето на брзата пруга Суботица-Нови Сад, ќе биде потпишана изјава за воспоставување на брза пруга меѓу четири земји – Унгарија, Србија, Македонија и Грција, односно од Будимпешта се до Патра, во должина од 1.683 километри, јави дописникот на МИА од Белград.

Вучиќ, кој пред две недели најави дека брзата пруга Суботица-Нови Сад ќе се отвори на 24 ноември, на денешната прес конференцијата изјави дека тоа ќе биде неверојатен проект.

-Она што е важно граѓаните на Србија да го разберат е дека наскоро доаѓа кај нас чешкиот премиер за два-три дена, тие градат брза пруга кон Братислава. Оттаму Словаците работат кон Будимпешта, и од север, од Варшава, сите краци исто така одат кон Будимпешта. Така што оттука ќе бидеме целосно поврзани со северот и североисток на Европа и со цела централна Европа, значи Беч-Братислава-Прага. Со ова Будимпешта и Белград стануваат многу важни центри, изјави Вучиќ.

Тој објасни и како ќе функционираат контролите на брзата пруга меѓу Белград и Будимпешта и како тоа ќе го забрза патувањето.

Прочитајте и:  Вучиќ: Брисел не може да поднесе Вучевиќ да се сретне со руски министер па со Фон дер Лајен, против сум каква било поделба меѓу ЕУ и БРИКС

-Кога ќе имаме брз воз и брза пруга Белград-Будимпешта, ние веќе се договоривме со нашите унгарски пријатели, унгарската полиција и царина да бидат во Белград, а српската во Будимпешта. Нема да има губење време и стоење на граница. Нема да има малтретирање на граѓаните и бескрајно сум им благодарен на пријателите Унгарци што го прифатија нашиот предлог. Од Белград до Будимпешта ќе се патува за два часа и 40 минути. Веруваме дека нашите унгарски пријатели ќе ја завршат својата работа до крајот на 2026 година, изјави Александар Вучиќ.

Претседателот на Унгарија, Тамаш Сујок рече дека постои одлична соработка во однос на изградбата на пругата меѓу Белград и Будимпешта и изрази благодарност за завршувањето на делницата низ Србија.

-Се надеваме дека во следните неколку години ќе успееме да обезбедиме започнување на железничкиот сообраќај и во Унгарија на таа пруга, сè до Будимпешта. Во оваа смисла, исто така, ќе направиме се што е во наша моќ да го олесниме и забрзаме преминот на границата доколку е потребно и со отворање на нови гранични премини, рече тој.

- Реклама -