За Марсовци, ако треба, ќе воведеме „графа“, а за Бугари има уште од 1948 година

Претставниците на граѓанските здруженија на Бугарите во Македонија да ги контактираат пописните органи и да побараат соодветна графа во рамките на пописот, ги повика денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи, со порака дека никој не смее да ги загрозува правата и посебноста на бугарската заедница во земјава.

Шефот на македонската дипломатија, сепак, изгледа нешто се збунил.

„Од 1948 година па наваму, во сите пописи, имало код за бугарска етничка припадност. Имаме податоци во однос на таа етничка припадност и ќе има и понатаму. Кој како ќе се произнесе е исклучиво негово право и ние не смееме да влијаеме“, одговори денеска, во изјава за МИА, директорот на Државниот завод за статистика – Апостол Симовски.

Тој појасни дека наместо графи, етничката припадност во електронската апликација се пишува во празно поле. Штом ќе ги впишете првите три букви, се појавува кодна листа (со шифри, бидејќи во статистиката секој запис се префрла во бројка) од сите етнички припадности регистрирани досега на пописите во државава. Како што вели Симовски, отсекогаш се користи тој принцип (со празно поле) за на граѓанинот на никој начин да не му се влијае/сугерира која етничка припадност да ја избере. Во кодната листа е ставено сѐ што некој некогаш се изјаснил на пописите во државава, потенцира тој.

Притоа, додава Симовски преку сликовит пример, граѓанинот не е приморан да избере од постоечката листа:

„И да не стои (во листата), избраната етничка припадност ќе добие дополнителна шифра, бидејќи, на крајот на краиштата, во светот постојат преку 2.000 етнички заедници, ние не можеме да ги предвидиме сите кои се и што се. Дури и нешто што е невозможно, да одиме и на оние најбанални случаи – некој да се изјасни како Марсовец, како таков ќе се запише и ќе добие свој код“, вели Симовски.

Дека Османи оплеска, посебно со делот каде вели „овие здруженија треба да ги контактираат пописните органи и да побараат соодветна графа во рамките на пописот, со цел утврдување на квантитативната, демографската и географска дистрибуција на оваа засебна заедница, потврдува и кратко пребарување на интернет. Имено, доколку ги побарате податоците за демографијата на државава согласно последниот попис од 2002 година, на страната на Википедија ќе видите дека тогаш се избројани 1.417 Бугари, што претставувало 0.07% од населението во Македонија. Со други зборови, и на тој попис граѓаните со бугарска самосвест имале можност да се определат како Бугари.

- Реклама -