Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчера соопшти дека ќе побара објаснување за фотографијата пред бугарското знаме направена во кабинетот на претседателот на Бугарија, Румен Радев
По посетата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и министрите во Софија, сите граѓани без разлика на партиска припадност се понижени и засрамени, сметаат од СДСМ, од каде додаваат дека владејачката партија секојдневно ги поткопува стабилните меѓународни позиции што ги изградиле социјалдемократите.
Од СДСМ додаваат дека вчерашната реакција на кабинетот на Сиљановска во врска со отсуството на македонското знаме во кабинетот на бугарскиот претседател Румен Радев при средбата со македонската колешка, „само потврдува дека Владата и претседателот на оваа држава ги лажат граѓаните“.
„Како тоа биле тие измамени и непланирано се сликале на официјална фотографија? Како ако биле измамени да се фотографираат сите без македонското знаме, одма побрзаа да ги објават фотографиите на своите профили. Зошто објавиле фотографии ако целата ситуација била подметната? ДПМНЕ и Сиљановска ја вреѓаат интелигенцијата на граѓаните. Тие свесно се сликале, свесно објавиле и се пофалиле со скандалозната посета“,
изјави портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска.
Таа оцени дека со посетата на Софија, Сиљановска и ВМРО-ДПМНЕ ја загрозиле македонската самобитност и македонски идентитет.
„За првпат еден македонски државник се сретнал со друг државник без никакви државни обележја и ова е скандал без преседан. Ова е навреда и омаловажување на државата и нејзините граѓани. Сиљановска и ВМРО-ДПМНЕ иницираа дипломатски скандал со кој допуштија Бугарија да ја понижи и да избрише под со државата и македонските граѓани. Ако ова е тоа што го може македонската дипломатија под водство на Мицкоски и Сиљановска, како тоа ќе преговараат подобри позиции во меѓусебните разговори? Сиљановска ли е таа која ќе ги води овие разгвори или пак Муцунски кој остана нем и без реакција на дипломатскиот скандал кој ни се случи?“,
праша Кузеска.
Од ВМРО-ДПМНЕ ѝ вратија дека СДСМ треба да престане да манипулира со јавноста „и да се погледне во огледало за сите предавства што ги направи на македонскиот народ“.
„Не е изненадување што СДС повторно се обидува да ја манипулира јавноста со лаги и полувистини. Веќе станува повеќе од јасно дека освен Халеевата комета константни се единствено предавствата на СДС. Кога се на власт оваа корумпирана клика ја продава државата, а кога се во опозиција, прават сѐ за да ги опструираат институциите и да ја кочат Македонија. Додека СДС беше на власт, видовме како се преговараше зад затворени врати, како се менуваше името на државата без вистинска консултација со народот, и како се промовираа политики што ги понижуваа нашите национални интереси. Тие продадоа сè што можеше да се продаде и сега, од опозиција, лицемерно критикуваат и напаѓаат“,
соопштија од владејачката партија.
Оттаму нагласуваат дека не се потребни лекции „од партија која кога беше на власт ја воведе државата во безброј дипломатски кризи и меѓународни понижувања“ и додадода дека за разлика од СДСМ, „ВМРО-ДПМНЕ стои цврсто зад националните интереси на Македонија и продолжува да ја води државата кон патот на достоинството и гордоста“.
Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчера соопшти дека ќе побара објаснување за фотографијата пред бугарското знаме направена во кабинетот на претседателот на Бугарија, Румен Радев. Како што информираа оттаму, по повод посетата на претседателката на Софија, била договорена тет-а-тет средба со бугарскиот претседател, ручек на македонските и бугарските претставници, како и заедничко присуство на операта „Набуко“, во изведба на македонската Национална опера и балет.
„Она што фрли сенка на настанот е отстапувањето од договорениот протокол за средбата, според кој, не требаше да има фотографии во рамките на затворениот простор. Но, за жал, пред почетокот на тет-а-тет средбата, претседателот Радев ја покани претседателката да направат заедничка фотографија пред бугарското знаме, иако ваков потег и чин не беше предвиден, ниту договорен. Сакаме да веруваме дека се работи за протоколарен превид, а не за намерна постапка и отстапка од договореното и веќе утре ќе побараме објаснување од бугарска страна“,
соопштија од кабинетот на претседателката Сиљановска-Давкова.