За СДСМ, резолуцијата на ОМД во американскиот Сенат е потврда на нивните државнички политики

„Резолуцијата во американскиот Сенат да се слават македонскиот јазик, култура и историја е уште една потврда за успешноста на меѓународната политика на СДСМ и признание за конструктивната улога на Македонците во градењето на американското општество.

По Резолуцијата во Германскиот Бундестаг со Резолуцијата во САД, гордост е да се знае дека македонските јазик, култура и историја добиваат признанија и промоции насекаде низ светот“, соопштија денеска од СДСМ, по веста дека во американскиот Сенат е предложена резолуција со која се бара, меѓу другото, септември 2023 година за месец на македонско-американско наследство, за време на кој ќе се слават јазикот, историјата и културата на македонските Американци.

Резолуцијата, меѓутоа, ја претстави републиканскиот сенатор од Индијана – Мајк Брон, но иницијативата е на Обединетата македонска дијаспора (ОМД). Брон, како што посочува „Гласот на Америка“, е единствен сенатор што е член на групата пријатели на Македонија и македонските Американци во Конгресот, а резолуцијата прво треба да биде одобрена од сенатскиот комитет за судство, па дури потоа за неа да гласа целиот Сенат.

Во резолуцијата, инаку, се вели дека е важно да се истакнат бројните придонеси и културно влијание на македонските Американци во САД, чија бројка се проценува на околу 500.000 граѓани, во различни области (уметност, наука, бизнис, политика, медицина, спорт итн.), и да се поттикнат граѓаните на САД да го одбележат месецот на македонско-американско наследство со соодветни церемонии, активности и програми кои ги почитуваат културните придонеси и достигнувања на македонските Американци.

Претседателот на ОМД, Мето Колоски, во интервју за ТВ „Алфа“, изјави дека ОМД верува дека признавањето на септември како месец на македонско-американското наследство ќе даде можност да се подигне свеста и благодарноста за богатата историја, култура и достигнувања на македонската американска заедница, додека за „Гласот на Америка“ истакна дека истата „е особено важна во време кога државата се соочува со негирање на македонскиот јазик и идентитет од страна на Бугарија“.

Прочитајте и:  ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ да не се грижи, ја обновуваме економијата која ја опустошија

Од СДСМ, меѓутоа, резолуцијата ја гледаат како потврда дека „наспроти повеќемесечните лаги на ДПМНЕ за наводно загрозување на македонскиот јазик и идентитет, факт е дека тие како никогаш порано не се повеќе заштитени и потврдени во светот“. Од партијата велат дека СДСМ „продолжува да работи на дополнителна меѓународна афирмација на македонскиот јазик, култура и посебност и да ги остварува стратешките цели на државата“.

И ВМРО-ДПМНЕ ја поддржа резолуцијата, со тоа што партијата смета дека истата е производ на тоа што тие го актуелизирале прашањето за гаранции за македонскиот идентитет.

Одговарајќи на новинарско прашање, портпаролот на партијата, Наум Стоилковски, рече дека ВМРО-ДПМНЕ дава безрезервна поддршка на предложената резолуција за заштита на македонскиот идентитет и „ги охрабрува и другите институции и држави да донесат документи за поткрепа на многувековната македонската посебност“, како и дека „ова се случува благодарение на ВМРО-ДПМНЕ“.

„Дозволете ми да подвлечам дека пред две години никој не зборуваше за гаранции за македонската многувековна историска и културна посебност, и ова прашање и реакција се случува благодарение на ВМРО-ДПМНЕ која што го отвори и наметна прашањето во јавниот дискурс“, рече Стоилковски.

Според него, „значајно е тоа што стратешките партнери имаат разбирање за македонскиот народ и нивната посебност и многу е важно ова прашање да добие што поширока поддршка, односно да ги поттикне и другите држави и европските институции да донесат документи преку своите институции во поткрепа на многувековната македонска посебност, историја, јазик и култура, односно со еден збор македонскиот идентитет“, додаде Стоилковски за засега само предложената резолуција.

- Реклама -