Дури и во волшебниот свет наречен Европа, каде сообраќајната култура е милион скалила поразвиена од нашата, не секогаш се почитува едно од најважните сообраќајни правила, особено на автопат – држење на безбедно растојание од возилото пред тебе.
Иако во Белгија баш и нема дивеење по патиштата, земјата инсистира да ги потсетува своите возачи да возат „како по учебник“ и да го почитуваат И тоа правило. Во моментов тоа го прави на мошне забавен начин. На пример, на повеќе места на патиштата се испишани стихови од популарни музички хитови кои практично ви сигнализираат дали сте премногу блиску до возилото пред вас.
Како функционира? Пикирате надвозник или некаква ознака крај патот и кога возилото пред вас ќе го помине, почнувате да си пеете „Last night a DJ saved my life…“. Ако го довршите рефренот до моментот додека и вие го поминете маркираниот објект, значи сте на безбедно растојание. Ако не, тоа значи дека треба малку да забавите и да се повлечете.
Можеби делува детинесто, ама диџејот стварно може да ви го спаси животот.