Забрана за влез во Шведска до 31 август

Шведската влада денеска одлучи да ја продолжи забраната за влез во земјата за државјаните на земјите што не се дел од ЕУ до 31 август. Одлуката е резултат на препорака од Советот на ЕУ, велат од владата.

„Со цел да се ублажат ефектите од ширењето на Ковид-19 и да се намали епидемијата, привремена забрана за влез во ЕУ преку Шведска е во сила. Забраната стапи во сила на 19 март и првично важеше 30 дена. Понатаму беше продолжувана согласно препораките на Европската комисија. Владата сега реши дополнително да ја продолжи забраната до 31 август 2020 година“, стои на владиниот вебсајт.

Со оглед дека Македонија не е на кратката „безбедна листа“ на ЕУ со која им се дозволува непречен влез на државјаните на тие земји, забраната до 31 август во Шведска ќе важи и за македонските државјани.

Сепак, како што истакнуваат од шведската влада, со последната одлука има и одредени олеснувања на рестрикциите. Претходно, ЕУ државјаните и нивните членови на семејствата, како и луѓето со дозволи за престој во земјата, можеа да влезат во Шведска само ако причината беше да се вратат дома. Со денешната одлука ова барање е отстрането, па во земјата ќе можат да влезат сите ЕУ државјани и луѓето со дозволи за престој, без оглед на причината за патување. Истото важи и за членовите на нивните семејства.

И покрај одлуката, се проширува групата на луѓе на кои ќе им биде дозволен влез во земјата, со оглед дека ЕУ дозволи влез за одредени земји.

Освен тоа, со денешната одлука се воведуваат и нови примери на исклучоци од забраната за влез, како што се луѓето кои имаат итна потреба или улога. Меѓу нив и лицата кои влегуваат во Шведска со цел да студираат.

На „безбедната“ листа на ЕУ се 14 држави:

Алжир,
Австралија,
Грузија,
Јапонија,
Канада,
Мароко,
Црна Гора,
Нов Зеланд,
Руанда,
Србија,
Јужна Кореја,
Тајланд,
Тунис
Уругвај.

- Реклама -