Забрането кучешкото месо на кинескиот Фестивал на јадење кучиња

Активистите и љубителите на животните извојуваа голема победа во Кина. Кучешкото месо е привремено забрането за контроверзниот Фестивал на јадење кучиња во провинцијата Јулин, за чие времетраење од неколку дена обично се јадат по десетина илјади кучиња.

Забраната ќе стапи во сила на 15-ти јуни – една недела пред почетокот на овогодинешното издание. Со тоа ќе се забрани продажбата на кучешко месо во рестораните, маркетите и меѓу уличните продавачи. Тие што нема да се придржуваат до забраната ќе се соочат со казни до околу 100.000 јуани (околу 15.000 долари), ама и апсење.

Лани The Guardian ги критикуваше Западњаците – кои убиваат и јадат домашни животни во огромни бројки, дека немаат право да ја критикуваат кинеската традиција, пишувајќи дека „двојните стандарди во игра се безбројни“, и дека „веганите се единствените што можат да го критикуваат фестивалот без ризик од хипокризија“. Од друга страна, активистите тврдат дека наспроти општото мислење, конкретниов фестивал е сé освен стара традиција – почнат е во 2010-та година, како начин за трговците со кучешко месо да го зголемат профитот.

Прочитајте и:  Македонските државјани од 30 ноември во Кина ќе патуваат без визи

Едно е сигурно, и ако го читавте нашиот лански текст (линкнат погоре) сигурно го знаете – дека бруталност кон животните како таа на фестивалот во Јулин нема да сретнете на многу други места во светот. Активистите тврдат дека се крадат дури и домашни кучиња, па дури и не им ги вадат ремените кога ги убиваат.

Андреа Гунг – извршен директор на Duo Duo Animal Welfare Project, се надева дека иако забраната е привремена ќе предизвика домино ефект кој ќе доведе до колапс на трговијата со кучешко месо.

Се проценува дека во Кина се јадат од 10 до 20 милиони кучиња годишно, но како што истакнува и Гунг, земјата постојано се менува кон подобро. Тешко дека фестивалот ќе ѝ зададе конечен удар на индустријата, ама тоа можат да го направат Кинезите. 64% од нив се за конечно укинување на фестивалот, 52% сакаат кучешкото месо да биде комплетно забрането, а дури 70% тврдат дека никогаш не пробале такво месо.

- Реклама -