Градоначалникот вели дека во општината со која раководи владеат соработка и соживот, а тие што сакаат да внесат раскол и меѓуетнички тензии, тоа го прават во општините од кои доаѓаат
Тензиите кои изминатите два дена се најдоа во фокусот на јавноста, а во врска со уредување на просторот околу црквата „Света Петка“ во селото Галате, според градоначалникот на општина Врапчиште, Исен Шабани, ги предизвикале луѓе од соседните општини, кои тој ги окарактеризира како криминална група.
По низата случува овие два дена, во кои имаше приведувања, протест, негодувања на социјалните мрежи и реакции од претставници на Владата и на опозицијата, денеска во Галате е мирно, а во Општина Врапчиште се одржа повеќе средби поврзани со случувањата.
Градоначалникот на општината на прес-конференција рече дека имал средба со секретарот на Тетовско-гостиварската епархија и дека, како што кажа, од него добил информација дека луѓето кои работеле околу црквата не се дел црковниот одбор во Галате.
Според Шабани, зад овој чин „стои некоја група граѓани кои го направиле овој криминален акт“.
„На оваа криминална група ѝ порачувам, за секој проблем, потреба, да се обратат на легален начин, бидејќи во овој случај тие извршија узурпација и демолирање на местото“,
изјави Шабани, пренесува МИА.
Градоначалникот на Врапчиште вели дека во општината со која раководи владеат соработка и соживот, а тие што сакаат да внесат раскол и меѓуетнички тензии, тоа го прават во општините од кои доаѓаат, посочувајќи ги соседните Тетово и Гостивар.
Одговарајќи на новинарско прашање дали досега некој поднел документи или барање за реконструкција на црквата „Света Петка“ во Галате или нејзино возобновување, Шабани рече дека такво нешто немало.
Во врска со неговото барање за запирање на работите и полициската асистенција, тој каѓа дека како функционер негова обврска е да застане во заштита на имот од негова узурпација.
Тој наведе дека општинската администрација од денеска наутро работи нормално и посочи дека има информација од Министерството за внатрешни работи и од Обвинителството во врска со вчерашниот инцидент кога биле приведени две лица.
Од Тетовско-гостиварската епархија, како што наведува МИА, преку соопштение потврдиле дека архиерејскиот намесник на на Гостивар, протоереј-ставрофор Марјанчо Мадевски, во придружба на епархискиот адвокат и дел од црковниот одмор имале средба со градоначалникот на Врапчиште, Исен Шабани.
Целта на средбата, како што се наведува, е да се изнајде заедничко мирно решение „за искушението во Галате во духот на традиционално добриот меѓуверски соживот во Гостиварско.
„Тетовско-гостиварската епархија силно го поддржува владеењето на правото и во таа смисла останува отворена за изнаоѓање на решение за секој проблем по законски пат“,
наведуваат од епархијата.
Од Секторот за внатрешни работи Тетово информираат дека полициски слуѓбеници имале средба со претседателот на црквата „Света Богородица“ во Галате за да се избегнат дополнителни тензии.
„Полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Тетово во селото Галате остварија средба со В.Р., претседател на црковниот одбор и М.Д., благајник на црквата „Св. Богородица”. На средбата се разговарало за претходните случувања околу чистењето на дворот на црквата „Св. Петка”. Освен тоа беше разговарано за активностите со цел избегнување на било какви дополнителни тензии околу овој случај, како и за натамошната соработка на полицијата и граѓаните, која се базира на взаемна доверба“,
наведуваат од СВР Тетово.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска, зборувајќи за случајот со црквата во селото Галате, рече дека граѓаните не треба да имаат дилема дека овие корумпирани политички елити од минатото ќе се обидат преку свои центри на влијание во секакви институции да создаваат етнички конфликти и тензии.
Очекува дека ваков тип инциденти ќе има во следниот период, сè додека не се направат измени во Законот за полиција и во Законот за работа во Министерството за внатрешни работи, со што ќе можат да се направат промени во раководните структури во овие институции за да, како што рече, можат реално да ја контролираат ситуацијата.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во интервју за ТВ Телма рече дека политички лешинари преку проблемот со црквата во Галате сакаат да предизвикаат меѓуетнички тензии, што е доказ за наводите за дестабилизација на кои предупредуваше во неколку наврати премиерот Христијан Мицкоски.
Инаку, жители на селото Галате вчера се пожалија дека полицијата ги попречува да ја спроведат акцијата за уредување на просторот околу црквата „Света Петка“, која уште во 2001 година е оштетена од пожар.