Заедничка седница на парламентите на Албанија и Косово: „Собирањето на сите Албанци во едно собрание некогаш изгледаше како сон“

Во пресрет на одбележувањето на 110-годишнината од независноста на Албанија, 28 ноември, и денот на националното знаме, во Тирана за првпат се одржа заедничка седница на парламентите на Албанија и на Косово.

Пред пратениците прва се обрати Линдита Никола – претседателка на албанскиот законодавен дом, која подвлече дека собирањето на сите Албанци во едно собрание некогаш „изгледало како сон“.

Никола заклучи дека двете собранија треба заеднички да работат кон трансформација на државните граници меѓу двете земји – во формални.

„Денес Албанија и Косово се две независни држави. Она што се случи на 28 ноември не беше сѐ што сакаа Албанците, туку камен-темелник на кој ќе се гради иднината. Албанците станаа достојни граѓани на цивилизацијата на која ѝ припаѓаат“, рече претседателката на албанското Собрание.

Таа истакна дека предизвиците во 21 век се заеднички за сите Албанци.

„Денес Албанија е членка на НАТО и ги отвори преговорите за членство во ЕУ. Во овие децении бевме разделени со ѕид, но во центарот на нашата свест се имавме еден со друг. Ги кршиме суеверијате и предрасудите. Нашите земји, општества и ресурси се комплементарни. Економскиот и културниот развој го помага развојот на другите области“, рече таа.

„Оваа свест“, рече Никола, не е спротивна на ниту една друга заедница во регионот и Европа.

„Албанија и Косово мора да ја споделат одговорноста за трансформацијата на државните граници меѓу двете земји во формални. За тоа се одговорни нашите две собранија. Албанците, потомците на Мајка Тереза, ќе знаат да направат најдобро. Господ нека го благослови албанскиот народ“, заврши претседателката на Собранието на Албанија.

Прочитајте и:  Османи: Секое загрозување на правата на Албанците во С. Македонија ќе наиде на решително противење и единство на Албанците од цел Балкан

Нејзиниот колега, претседателот на Собранието на Косово – Глаук Коњуфца, оцени дека 28 ноември е празник „не само за Албанија, туку и за Косово“.

„Најважниот ден на нашиот народ нѐ поттикна да се собереме во Тирана, да ги поздравиме сите Албанци каде и да се: во Албанија, Косово, Македонија, Црна Гора, Бујановац, Прешево и Медвеѓа, но и во Грција, Италија и САД“, рече тој.

28 ноември, истакна, ги носи сите заеднички стремежи, ја има потребната симболика за зачувување на најскапоцените спомени на Албанците, а потенцираше и дека тогаш е роден  големиот албански херој Адем Јашари, кој, како што рече, „се жртвуваше со своите роднини во Преказ во борбата за слобода“.

„Славната војна на нашиот народ го отстрани окупаторот и го отвори патот за прогласување независност“, додаде Коњуфца.

Тој ја обвини Србија дека „се обидува да го дестабилизира Косово и да го подели“.

„Единствената европска земја која останува поврзана со Русија е Србија, која се обидува да го дестабилизира Косово и да го подели. Србија се бори одвнатре и однадвор, и колку сме поблиску еден до друг, толку полесно ќе ги заштитиме нашите националните интереси“, порача Коњуфца.

Извор: МИА

- Реклама -