Ги повикувам банките да бидат солидарни со бизнисот и македонската економија и каматната стапка со којашто е земен овој кредит, да ја имаат и тие, да не ја зголемуваат и калкулираат со трошоци, бидејќи и онака премногу трошоци се калкулираат, рече Мицкоски
Состојбата се стабилизира, економијата заживува – вели премиерот Христијан Мицкоски посочувајќи дека првите индикатори со промената на власта се изненадувачки позитивни во делот на растот на индустриското производство, преработувачката индустрија, растот на БДП, намалувањето на инфлацијата. Според него очекувањата се тоа да продолжи така, потенцирајќи дека во Собранието помина Законот за заем од 500 милиони евра.
„Веќе очекувам втора половина на октомври или првата половина на ноември да биде ставен во функција на македонската економија. Имаше таму антиекономски експерти, поранешни функцинери на СДСМ, кои велеа дека тоа било од унгарски фирми, еве набргу ќе дојде тој демант. И македонските компании да можат овој заем од 250 милиони евра да го користат“,
рече Мицкоски.
Тој посочи дека се прават анализи во Министерството за финансии за условите на банките.
„Ги повикувам банките да бидат солидарни со бизнисот и македонската економија и каматната стапка со којашто е земен овој кредит, да ја имаат и тие, да не ја зголемуваат и калкулираат со трошоци, бидејќи и онака премногу трошоци се калкулираат. Доколку тоа не биде така, тогаш ќе одиме со Македонската развојна банка и со механизмите што ги имаме, ќе го започнеме овој проект, затоа што не сакаме македонската економија да биде дополнително оптоварена“,
додаде Мицкоски.
Во однос на платите, премиерот рече дека очекува тие да растат. Според него, Државниот завод за статистика со податоците за јули годинава ги побил тезите на поранешната влада на СДСМ и ДУИ дека со нив платите растеле, а со ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата нема да растат.
„Денеска платата повторно расте со иста динамика, па и забрзано, но инфлацијата е најниска во регионот во месец август, споредено со август минатата година, и таа е на ниво на 2,2 проценти, а од почетокот на годината заклучно до август е помала од 3,5 проценти. Тоа е разликата што платите растат со истата динамика, дури и забрзано, но нивото на инфлација е ниско“,
рече Мицкоски.