Заев: Блокадите на Бугарија ја кренаа нашата слава, денеска Северна Македонија е поддржувана како никогаш претходно

„Нашата земја никогаш немала толку силно изразена поддршка од целиот свет каква што имаме денеска и почитта што ја добиваме како народ“, изјави премиерот на државата и претседател на СДСМ – Зоран Заев, на партиската трибина „Најдоброто за нашата општина“ во Валандово.

Тој посочи дека на Преспа форумот за дијалог присуствувале светски државници, лидери и општественици, кои, како што рече, „дадоа почит на сето ова што го правиме во Северна Македонија“.

„Постигнавме убав баланс со едно општество за сите, за да има мир и соработка, а преку тоа да има посилна економија и повисок животен стандард. Историски проблеми решававме во овие четири години. Постигнавме договори со Грција и Бугарија, ги отворивме вратите, станавме членка на НАТО, денес сите земји членки на ЕУ зборуваат позитивно за Република Северна Македонија и сите 26 земји членки денес разговараат со Бугарија за да станеме земја членка на ЕУ. Денес сме НАТО, трајно е обезбедена нашата безбедност, нашиот територијален интегритет и го заштитивме идентитетот“, рече Заев, додавајќи дека порано за сите сме биле „ФИРОМ“, а денеска, за целиот свет, вклучително и Грција, сме Македонци со македонски идентитет.

Прочитајте и:  Влен: Претставници на ДУИ, СДСМ и Пендаровски во март се сретнале во Вила Водно за враќање на Груевски

Според Заев, ветото од Бугарија ја прославило државава.

„Блокадите на Бугарија ја кренаа нашата слава. Денеска Северна Македонија е поддржувана како никогаш претходно, за секоја наша идеја, за секој наш проект имаме поддршка и од САД и од Европа. Јас сум убеден дека низ духот на пријателството, внимавајќи целосно на нашите идентитетски линии, ќе изнајдеме решение. Затоа што во наш прилог е соседите да ни бидат пријатели, прашањата да ги решаваме низ дијалог, а не со кавги и конфликти, каде народот ја плаќа сметката“, заклучи Заев.

- Реклама -