Заев: И да добиеме 100 ултиматуми и 10 нови вета, за идентитетот и јазикот пак нема да разговараме

И да добиеме уште 100 ултиматуми, уште 10 пати вето и блокада, за прашањата за идентитетот и јазикот со Бугарија нема да се разговара, како што не се разговарало ниту досега, истакна денеска премиерот Зоран Заев на денешната седница за пратенички прашања, пренесува „А1он“.

„Јас очекувам од Бугарија чисто признавање на македонскиот идентитет и јазик. Барам чисто признавање од бугарска страна на македонскиот јазик без никакви условувања. Нашиот јазик е кодифициран во 1945, а се појавил уште во 1903-та. Тоа се факти кои се непобитни и не може да се менуваат“, рече Заев.

Во овој контекст, тој повтори дека причината за непродолжување на договорот на историчарот Александар Литовски во мешовитата историска комисија со Бугарија не се неговите критики по интервјуто на премиерот за бугарската БГНЕС и дека тој не е сменет од комисијата, туку од лични причини сам се повлекол од позицијата.

Заев посочи дека Литовски е експерт и комисијата е составена од експерти и врз неа не се врши никакво влијание, затоа што ставот на македонските политичари е историјата да се остави на историчарите. Потенцираше дека за разлика од порано, сега е нормално Литовски во еден период да ги поддржувал политиките на СДСМ, а во друг да ги критикува, вклучително и премиерот, без да биде сменет за 24 часа.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ – Благица Ласовска, пак, побара парламентот, по примерот на Бугарија, да изгласа декларација во која ќе се утврдат црвените линии и тие да бидат појдовна точка во преговорите. Таква декларација ќе има ја олесни и работата на експертите во Комисијата и така нема да има потреба да даваат оставки, му забележа таа на премиерот.

 

- Реклама -