Заев: ЕУ има морална обврска кон Северна Македонија

Членството на земјата во ЕУ е перспектива без алтернатива и покрај разочарувањето од блокирањето на евроинтегративниот процес од страна на Бугарија, порача денеска премиерот Зоран Заев на панелот „Перспективите на Северна Македонија“ во рамки на Европскиот форум Алпбах кој оваа година е посветен на три теми: „Обезбедувањето на иднината на Европа“, „Финансирањето на иднината на Европа“ и „Климатските промени“.

„Посветени сме целосно на овој процес затоа што нѐ водат европските вредности кои се и наши вредности и кои со сите политики што ги имплементираме ја остваруваат европеизацијата. И тоа е нашата најсилна мотивација. Целта на Република Северна Македонија не е членство заради членство, туку заради постигнувањето на стандардите и имплементацијата на тие стандарди во сите сфери на нашето општество“, подвлече Заев.

Според него, препораката на Европската Комисија до Европскиот Совет на 20 март 2020 година, а поддржана од сите земји членки на ЕУ – за одржување на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија, што беше блокирано од Бугарија – е потврда дека земјата е на вистинскиот пат и дека ги исполни сите критериуми.

Прочитајте и:  Реслер: С. Македонија мора да направи конкретен чекор, но и ЕУ да ја сфати геополитичката димензија - во неа нема место за билатерални уцени

„ЕУ има морална обврска кон Северна Македонија. Сите реформи во земјата се спроведени или се во тек, со соседите решивме прашања кои што беа отворени по неколку децении – како што беше Договорот од Преспа со Грција или Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија. Северна Македонија е успешен модел на функционална мултиетничка заедница и лидер на регионалната соработка, а со членството во НАТО станавме фактор на стабилност на Западен Балкан“, потенцираше Заев.

Сите земји членки се едногласни дека Северна Македонија испорача и дека ЕУ остана должна со исполнување на својата одлука за почеток на преговорите, додаде премиерот, изразувајќи надеж дека тоа ќе се случи штом Бугарија формира функционална политичка влада, како и дека на Самитот за Западен Балкан во Љубљана на 6 октомври ќе има сериозно придвижување во европроширувањето.

- Реклама -