Заев: Финансиските контроли во „Алфа“ не се тенденциозни, во спротивно телевизијата нека изнесе докази и јас прв ќе реагирам

„Контролите на медиумите се составен дел на работењето на инспекциите. Ниту има тенденција, ниту некаков посебен однос. Ќе се направи записник и ќе се констатира дали има или нема недостатоци. Секој има право на жалба“, изјави премиерот Зоран Заев во интервју за „Фокус“.

Тој додава дека „факт е дека коментарите на новинарите на Алфа се опозициони и апла како да се излезени од ВМРО-ДПМНЕ“ и затоа, вели, решил да не се појавува како гостин на тој медиум.

Заев потенцира дека критичноста треба да живее, колку и тоа нему да не му се допаѓа, но сепак, вели, тоа не значи и во медиум да не може да влезе инспекција.

Прочитајте и:  Заев единствен од Балканот спомнат во новите мемоари на Меркел, опишан е како храбар и решителен

„Начинот на кои се направени расходите и приходите е работа на инспекциите – УЈП, Финансова полиција. Дел од расходите сигурно се поврзани со програмската шема. Тие не садат патлиџани, па тоа да се бара од нив. Државата си ја извршува својата функција“, рече тој.

Притоа, премиерот ја повика телевизијата, доколку има притисоци или пристрасност од инспекторите, да изнесе докази.

„Ако имаат забелешки за политичка пристрасност или притисок, нека бидат гласни и нека изнесат докази. Јас ќе бидам првиот што ќе реагира. Човек сум кој верува во слободата на медиумите и новинарството“, додаде Заев.

- Реклама -