Заев ги пофали ставовите на Левица: „Зошто останувате во опозиција? Имаме убава можност за соработка“

Мандатарот Зоран Заев, како што самиот истакна, не гледа причина зошто Левица би требало да остане во опозиција. На попладневното продолжение на собраниската седница, нему му се допаднаа ставовите и вредностите што ги изнел пратеникот Борислав Крмов во делот за економијата, и оцени дека владејачкото мнозинство би можело да има добра соработка со новата парламентарна партија.

„Не знам зошто останувате во опозиција. Според мене, со една ваква дискусија имаме една убава можност за соработка, затоа што вредностите за кои зборувате се застапени во концептот Едно општество за сите“, рече Заев, реплицирајќи на изјавата на Крмов, кој посочи дека тие како Левица на сите пратеници во Собранието, без оглед на етничката припадност, ќе им се обраќаат од позиција на класните разлики во општеството.

Крмов, притоа, потенцираше дека Левица се единствената левичарска партија во Парламентот и се осврна на економијата во делот на владината програма, која, како што рече е главната болка на граѓаните.

„Во програмата се откажувате од прогресивниот данок, односно предвидувате инклузивен процес на разговори и консензус за воведување прогресивен данок. Смешно е да се очекува крупниот капитал самоинклузивно да се согласи да се даночи. Ако сакате да го даночите крупниот капитал, треба да се собере храброст и да го искористите државниот апарат“, рече Крмов.

Тој имаше забелешка и во однос на укинувањето на ДДВ за увоз на суровини и машини и дека тоа ќе значи префрлање на средствата од буџетот на РСМ во џебовите на странските инвеститори во слободните економски зони:

Прочитајте и:  Мециновиќ: Со малограѓански сценарија пратениците од ВМРО-ДПМНЕ сакаа да избегнат одговори на прашањата поставени од Левица

„На овој начин и домашното производство на суровини се става во ситуација да изумира. Продолжувате со штетната политика на наградување на странските инвестиции“, рече Крмов и притоа даде забелешка и за намалувањето на персоналниот данок на вработените во ИТ секторот, посочувајќи дека тие имаат едни од највисоките плати во државата. Според Крмов, даноците би требало да се намалат кај оние кои во месецот едвај врзуваат крај со крај.

Заев се бранеше од критиките потсетувајќи дека за 300 отсто е зголемена социјалната помош. Во однос на прогресивниот данок, Заев истакна дека набрзо откако беше воведен тие увиделе дека државата губи и дека јавно признале дека треба да се доработи концептот, и тоа со консензус во кој ќе учествуваат и синдикатите и работниците.

Заев се согласи дека има големи класни разлики меѓу економските слоеви во општеството, но порача и дека сите заедно треба да работат за истите да се намалат. Меѓутоа, мандатарот потсети и дека ја зголемиле минималната плата од 9.000 на 14.500 денари и дека зголемена е и просечната плата, како и платите на лекарите, професорите, културните работници и вработените во детските градинки.

Извор: Локално

 

- Реклама -