Заев „го мотивира“ Ел Чека да објавува „бомби“ и за него: Еве пред камери ти кажувам, ќе одговараш (ВИДЕО)

Премиерот Заев е згрозен од „она што го слуша“ при нелегалното објавување на неовластено стекнатите прислушувани разговори од страна на Шекерим Ахмеди, во јавноста актуелен како Ел Чека, бидејќи, како што рече, таму има пред сè приватни разговори. Тој оцени дека Ел Чека воопшто не води сметка за приватноста на снимените, за разлика од него и СДСМ кои, според премиерот, „бомбите“ ги објавувале одговорно, со цел да се прикажат само индициите за криминал, а без да се навлезе во приватноста.

Одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција по повод смената на директори, премиерот порача дека институциите ги преземаат сите мерки во нивна надлежност околу кривичното дело што го прави Ел Чека, но и потсети дека снимките настанале при неовластено снимање од страна на претходната власт, па со оглед на долгиот период во кој се случувало прислушкувањето, невозможно е да се знае кој сè поседува дел од снимените разговори.

Прашан за „поплаките“ од Али Ахмети во својот говор вчера во Сарај, каде лидерот на ДУИ алудира на наводна политичка игра зад тоа што „бомби“ се објавуваат „само за ДУИ“, а не и за ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, премиерот, малку и на шега, се обиде да го испровоцира Ел Чека да објавува материјали и за него:

Прочитајте и:  Честитка од Ахмети за Денот на албанската азбука: До вчера го унапредувавме, денеска мора да го браниме албанскиот јазик 

„Ако имате некој телефон, дајте ми од господинот Чека, да му се јавам и да го прашам: Чека бе, пријател, зошто ти само за господинот Ахмети објавуваш, а не објавуваш за мене? Еве, јавно нека објави и за мене. Апсолутно, јас сум транспарентен човек, но верувам дека треба да сме сериозни… Зошто не објавувал тој и тој и за другите, а само за господинот Ахмети… Значи, еве кажувам, нека објавува и за мене. Нека објавува за секој што мисли дека треба да објавува. Треба да знае дека има одговорност за тоа. Постои закон и кривично се одговара за тоа. Приватноста е заштитена и апсолутно, дури и кога не била заштитена, јас сум водел грижа и други воделе грижа. Овој човек не води грижа за таа работа и треба да одговара. И кога-тогаш, ќе одговара. Светот е глобално село и ќе одговара. Дали треба да го мотивирам и за мене да објави? Ќе одговара, еве преку камери, ќе одговара кога-тогаш. Така да, ако има, нека објавува сега, оти ова директно од премиерот му е: Ќе одговара!“, му порача Заев (50 минути и 30 секунди во видеото):

- Реклама -