Заев: Гоце Делчев е македонски револуционер, но факт е дека за Бугарите е бугарски

„Гоце Делчев е македонски револуционер, но факт е и дека и Бугарија и Бугарите го сметаат исто така за бугарски револуционер“, рече денеска премиерот Зоран Заев на заедничката прес-конференција со новиот евроамбасадор во Македонија – Дејвид Гир, прашан за што, тој лично, го смета Гоце Делчев.

Заев потсети дека и во двете земји има градови именувани по револуционерот – во Македонија тоа е Делчево, во Бугарија – Гоце Делечв, како и споменици во негова чест. Тој потсети дека заедно со бугарскиот колега Бојко Борисов се поклониле пред гробот на Делчев во Скопје, исто како што се поклониле и пред неговиот споменик во Благоевград.

Заев истакна и дека низ историските личности треба да се бара можност за зближување, а ставањето на историските моменти под тепих не е добро за регионот.

„Затоа имаме Договор за добрососедство, за да можеме да ги решиме овие прашања кои ќе нѐ обединат“, додаде тој.

Заев беше категоричен и дека Владата нема да дозволи причини за нови одлагања за почетокот на преговорите на ЕУ со Македонија, што го опиша како „наша свечена обврска“. Посочи дека причина за оптимизам се сигналите од европските партнери дека билатералните прашања не треба да претставуваат камен на сопнување во процесот на евроинтеграцијата.

Прочитајте и:  Бојко Борисов ја повлече кандидатурата за премиер на Бугарија: Не сакам веќе да се занимавам со оваа уништена држава

„Со Бугарија сме партнери во НАТО. Духот на Договорот за добрососедсвто нѐ обврзува да го почитуваме правото на самоопределување и идентификација како темелни вредности“, рече премиерот.

Тој најави и дека пред 10 ноември, за кога се очекува да се одржи Берлинскиот процес на кој Македонија и Бугарија се домаќини, се надева да ја оствари првата (во овој мандат) официјална посета на Бугарија и притоа да се сретне со бугарскиот премиер Борисов. Како што рече, на средбата, освен за подготовките за Берлинскиот процес, ќе разговараат и за отвореното прашање за Гоце Делчев.

„Драго ми е дека Комисиите работат, верувам дека ќе испорачаат опции за решение. Нашето очекување е час поскоро да најдеме решение на ова прашање, а до крајот на годината да се оддржи и првата меѓувалдина конференција“, рече Заев.

- Реклама -