„Не знам, веројатно се од групата која има три проблеми: срцето, душата и петите. Им се кине срцето на некои луѓе заради тоа што ќе добиеме датум за почеток на преговорите после 15 години. Ги боли душата заради тоа што сме веќе членка на НАТО – секако, месеци се во прашање, и од петни жили се обидуваат да конструираат сценарија и лаги и еве вака да реагираат заради тоа што државата оди напред“, рече денеска во Битола премиерот Зоран Заев за групата која надвор протестираше со негодување, свирежи и транспаренти против „неисполнетите ветувања и безидејноста и неспособноста“ на премиерот и Владата.
Заев им порача на демонстрантите (од УМС на ВМРО-ДПМНЕ) дека успехот е заеднички, дека заслугата не е само на оваа Влада, како и дека следуваат убави денови за земјата. Тој додаде дека општеството е на правиот пат и дека земјата од своето осамостојување ги исполнува овие две стратешки цели (ЕУ и НАТО), истакнувајќи дека „во предвечерието на нивното исполнување“ земјата бележи раст од 3.6% на економијата, раст од 9.8% на индустријата, пад на невработеноста за повеќе од 6% за неполни две години и реализирани мал милион проекти.
„Денеска ќе разговараме за целиот пелагониски и битолски регион каде живее огромен процент од нашето население. Со заеднички сили верувам дека ќе ги мултиплицираме сите овие ефекти“, дополни премиерот, додека во позадина надвор сѐ уште можеа да се слушнат свирежи на незадоволство (0:17 во видеото; претходно на друго видео објавено на профилот на премиерот се слушаа многу појасно, но во меѓувреме беше е избришано).