Заев: Има една предност што задоцнија вакцините, видовме дека се здрави и треба да ги користиме сите

„Има една предност што сме, еве така да кажам, земја со задоцнување со вакцините. Земјите членки на ЕУ почнаа пред нас и можевме да согледаме предности или слабости, а од тоа можеме да извлечеме единствена констатација дека сите можеме да заклучиме дека вакцините се здрави, дека треба да ги користиме сите“, изјави денеска премиерот Зоран Заев, прашан за вакцините од „Астра Зенека“ кои треба да пристигнат во недела преку Ковакс механизмот.

Заев рече дека информацијата ја знаеле уште пред два-три дена, но министерот за здравство Венко Филипче потврдата од Ковакс ја добил вчера, по што и ја објавил информацијата за пристигнувањето на овие 24.000 дози вакцини. Премиерот истакна дека деновиве се очекуваат и другите количини вакцини, со што ќе се овозможи рамномерна имунизација на приоритетните групи низ целата држава.

Заев подвлече дека очекува граѓаните масовно да ги прифатат вакцините кои ќе ги добие земјава.

„Колку поскоро се вакцинираме сите, толку поскоро ќе ја победиме оваа грозна пандемија којашто го смени животот во целиот свет, така и во нашата земја, и верувам дека ќе го испочитуваме редоследот којшто е даден од здравствената комисија“, рече тој.

Прочитајте и:  Заев единствен од Балканот спомнат во новите мемоари на Меркел, опишан е како храбар и решителен

Меѓу приоритетните групи за вакцинација, премиерот ги спомена и попишувачите, по што испрати и порака до опозицијата да го поддржи пописот.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, реагираа на ваквата изјава на премиерот.

„ ‘Предноста’ која што ја спомна Зоран Заев, Македонија ја чини 3.500 загубени животи. Поради нивната неспособност и обидите за корона криминал кои Заев ги нарекува ‘предност’, Македонија е во топ 5 земји по смртност и во најлошите 5 земји по вакцинација.

Во светот предност имаат владите кои имаат одговорни политичари кои веќе со месеци овозможуваат имунизација на населението и спас на човечки животи. Со ваквите срамни изјави Заев потврдува дека со секоја секунда подолго додека е на власт, Македонија ќе трпи страшни загуби. Македонија ќе дојде во предност кога Заев ќе замине од владата и ќе сноси одговорност“, порачаа од опозицијата.

- Реклама -