Заев: Имаме бројни инвестиции, една од нив и за производство на кочници со ликот на Мицкоски и амблемот на ВМРО-ДПМНЕ

„Правиме политики за да пуштиме повеќе пари кон граѓаните, бидејќи Северна Македонија денеска е финансиски солвентна и ликвидна земја, па затоа упорно ќе работиме на подигнување на економскиот стандард на граѓаните“, истакна на партиската трибина во Дебар претседателот на СДСМ – Зоран Заев.

Актуелниот премиер подвлече дека власта носи странски директни инвестиции, а 24 од нив се џиновски компании.

„Во моментов разговараме со повеќе од 30 компании за нови 15 илјади работни места. Секое ново вработување го полни ПИОМ што е основ за покачување на пензиите, тоа е затоа што се атрактивна земја, членка на НАТО. Генериравме политики што нема целосно да ја уништат економијата за време на пандемијата. Во многу земји се скратија платите, пензиите, се изгубија работните места, но ние не дозволивме нешто да биде скратено и плус генериравме повеќе од 66 милијарди денари за му помогнеме на стопанството. Помогнавме на сите компании што имаа потреба од помош. Поминавме тежок период, но еве го поминавме“, рече Заев.

Заев ја искористи приликата и да се пошегува на сметка на опозицијата.

„Имаме инвестиции насекаде, но имаме и една во автомобилската индустрија, која се случува во последните неколку месеци во Собранието. Тоа е инвестиција во гуртни, во блокови, во кочници, на нив стои амблемот на ВМРО-ДПМНЕ и ликот на Христијан Мицкоски, а на амбалажата пишува ‘Најголеми кочници на светот’“, истакна Заев, порачувајќи дека власта на СДСМ нема да дозволи кочење на реформите.

Прочитајте и:  Заев единствен од Балканот спомнат во новите мемоари на Меркел, опишан е како храбар и решителен

„Но и тие кочници ќе ги разбиеме, затоа што сме паметни и искрени во намерите. Не може да ги закочат процесите за единствениот Клинички центар во државата, да ги закочат новите инвестции на американскиот ‘Бектел’ кој треба да ги изгради останатите делници од автопатите во државата, од Тетово до Гостивар, од Гостивар до Кичево и автопатско решение Струга – Ќафасан. Се обидуваат да ги закочат сите проекти, но нема да им дозволиме, зашто сѐ што правиме е во интерес на граѓаните. Клиничкиот центар сигурно ќе биде под 500 милиони евра, прашање е дали ќе го изградиме или не. Им понудивме иако се опозиција да имаат мнозинство во управувањето на градбата на центарот и до ден денес тие ја блокираат изградбата“, истакна Заев, повикувајќи го министерот за здравство Венко Филипче да не се откажува од овој проект, затоа што, како што рече, корона-кризата покажа колку се важни инвестициите во јавното здравство.

- Реклама -