Заев изненаден од „негативната реакција“ на Пендаровски за „Отворен Балкан“, кабинетот на претседателот го демантира

Премиерот Зоран Заев е изненаден од ставот на претседателот на државата за „Отворен Балкан“, кој Пендаровски вчера го изнесе во Приштина.

„Неразбирливо е зошто некој би бил против пријателство со соседите, против зближување на младите и народите од Западен Балкан и против полесна и побрза економска размена меѓу земјите од регионот“, изјави Заев за ТВ21.

„Јас сум изненаден што Пендаровски ги промени своите ставови за оваа пред сѐ економска иницијатива, но нема да бидам изненаден кога повторно ќе се премисли за да даде поддршка во периодот што доаѓа, а во интерес на граѓаните, државата и регионот“, додаде тој.

Според него, минатото покажало што значи затворен Балкан и затоа неоправдано е кое било заговарање против иницијативата „Отворен Балкан“, но „особено е неразбирливо кога ваквата негативна реакција доаѓа од првиот човек во државата кој би требало да биде и прв во заштитата на интересите на граѓаните“.

Сепак, посочи Заев, претседателот на државата нема ингеренции во тој дел.

„Во Северна Македонија претседателот на државата нема никакви ингеренции во делот на олеснување на царинските процедури, во делот на воведувањето One Stop Shop премини за брз проток на границите, во делот на признавање на работни дозволи и дипломи“, рече премиерот, додавајќи дека не е загрижен, туку е уверен дека институциите посветено ќе работат на обезбедување на бенефитите од оваа иницијатива за граѓаните.

По ваквата изјава на премиерот, стигна реакција од кабинетот на шефот на државата.

„Ставот на претседателот Стево Пендаровски во однос на иницијативата ‘Отворен Балкан’ е конзистентен од самиот почеток, а претседателот тоа му го има и лично пренесено на премиерот Зоран Заев по првичниот состанок во Нови Сад кога е промовирана иницијативата“, се наведува во истата.

„На оваа тема, во Кабинетот на претседателот Пендаровски како точка на дневен ред се разговараше и на првата лидерска средба во присуство на опозициските партии во 2019 година. Едногласен заклучок во однос на иницијативата ‘Отворен балкан’ усогласен меѓу сите политички субјекти на таа лидерска средба беше дека нашата држава нема алтернатива на патот кон полноправно членство во ЕУ и дека доколку иницијативата ‘Отворен Балкан’ има таков карактер, таа не е прифатлива за ниту еден политички субјект во Република Северна Македонија“, појаснуваат од кабинетот на Пендаровски.

Тие потенцираат дека претседателот на државата никогаш не бил против зајакнување на економските процеси, олеснувањето на царинските процедури и слободниот проток на луѓе и капитал меѓу земјите на Западен Балкан, но дека фактот што половина од државите во регионот не се дел од иницијативата – го лимитира нејзиниот потенцијал.

Прочитајте и:  Влен: Претставници на ДУИ, СДСМ и Пендаровски во март се сретнале во Вила Водно за враќање на Груевски

„Претседателот Пендаровски никогаш нема дадено изјава или донесено акт или одлука со која би бил против пријателството на народните во регионот и против нивната ЕУ интеграција. За жал, многу други политичари во регионот делуваат во спротивна насока“, стои, исто така, во реакцијата.

„Мојот став е дека ‘Отворен Балкан’, по претпоставка да ги вклучи сите шест држави, може да биде само една од алатките, само еден од инструментите за подобрување на регионалната економска и трговска соработка, значи не политичка, и ‘Отворен Балкан’ може само да биде дел од Берлинскиот процес“, изјави Пендаровски во Приштина, прашан зошто ја поддржува оваа иницијатива.

Според него, „Отворен Балкан“ треба да биде само еден аспект од Берлинскиот процес, бидејќи тоа е иницијатива која има институции, која има ресурси, а тие две работи „Отворен Балкан“ засега ги нема.

„Добронамерни иницијативи, се разбира, може да бидат само дел, а не може да бидат супституција на Берлинскиот процес кој продуцираше одлични резултати досега и кој трае веќе 7-8 години со тенденции да се проширува и обогатува со нови содржини“, рече Пендаровски.

Тој потсети дека на почетокот, во 2019 година, изразил резерви за „Отворен Балкан“ бидејќи сметал дека иницијативата можеби е обид за реставрација на некаква Југославија или за алтернатива за членство во ЕУ, на што бил против. Но, како што рече, откако добил уверување од премиерите вклучени во иницијативата дека нивната идеја не е таква, ја поддржал иницијативата.

„Тоа беше во моментот кога не беше лансирана иницијативата. Денес го кажувам она што го повторувам на сите мои странски соговорници изминативе две години – дека таа иницијатива е фалична од самиот почеток бидејќи наместо да учествуваат шест држави и сите шест држави од Западен Балкан, учествуваат само половината. И мојот став и понатаму ќе биде дека сѐ додека таа иницијатива не ги опфати сите шест држави на Западен Балкан, нема да биде успешна“, истакна Пендаровски на прес-конференцијата со претседателката на Косово – Вјоса Османи.

Извор: МИА

- Реклама -