Заев: Можна е инвестиција на Facebook и Google во Македонија, ако е извесно членството во НАТО и ЕУ

На денешната седница за пратенички прашања, пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ – Антонио Милошоски, постави иронично прашање до премиерот Заев: Колку е задоволен од инвестицијата на интернет гигантите Facebook и Google во Македонија.

„На 12 септември 2017 година на 24 вести изјавивте дека директно работите со овие две мултинационални компании, дека за разлика од Швајцарија и Ирска кои им бараат данок на добивка од 23 проценти, односно 19 проценти вие им нудите данок на добивка од 3 проценти и дека истите ќе дојдат во Македонија со 30 милијарди евра добивка. Три дена подоцна во Топ Тема кажавте дека сте во напредна фаза на преговори со Фејсбук и Гугл, а на 19 септември имавте средба со господинот Коен еден од директорите на овие компании, по што изјавивте дека сте поставиле добри основи за соработка и инвестирање во Македонија. Моето прашање е како сте задоволен од реализацијата на најавените инвестиции на Фејсбук и Гугл во Република Македонија“, праша Милошоски.

Заев одговори дека инвестициите на Фејсбук и Гугл се посакувани во секоја земја, но дека таквите инвестиции зависат од извесноста на членството на Македонија во ЕУ и НАТО:

„Верувам дека таква инвестиција можно е да се рализира во Македонија. Очекувам Македонија да има сигурна иднина со членството во НАТО и ЕУ, почнуваме со скринингот и разговори. Ова е извесна можност да се случи во Македонија, ќе продолжиме да разговараме и кога ќе имаме нешто конкретно ќе го соопштиме. Негувам надеж ако Македонија ги заокружи политичките процеси и тоа се потврди со уставните амандмани и стане извесно членството во ЕУ, сите заедно ќе помогнеме бордот на директори да донесат одлука за инвестиција“ – рече Заев.

Милошоски, незадоволен од одговорот, го обвини Заев дека Владата ширела лажна пропаганда и лажни ветувања, и дека кога ги најавувал инвестициите премиерот не спомнал ништо за членството во ЕУ и НАТО. Според Милошоски, Владата работи единствено на тоа да создаде привид дека работи, а членството во овие организации го користи само како алиби за својот неуспех.

„Вработување на нови 50 луѓе во Владата за да ви ставаат лајкови на вашите постови – тоа е единствената инвестиција што сте ја направиле од Фејсбук“, заклучи пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.

- Реклама -