Заев: Му објаснив на Георгиевски дека неговите лични ставови не можат да бидат ставови на Владата и коалицијата и тој тоа го разбра

„Јас го дадов својот коментар на најпластичен начин за да го разберат сите, не само Македонците туку и сите во Северна Македонија, сите на Балканот и во Европа; Не постои никаде, па така и кај нас, да си легнете на 31 декември 1943 година и да се разбудите на 1 јануари 1944 година како Македонци“, одговори денеска премиерот Зоран Заев, прашан за според многумина скандалозните изјави на Љубчо Георгиевски и дали/колку ја поткопуваат позицијата на Македонија во преговорите со Бугарија.

„Тоа го нема никаде. Затоа и Европа не навлегува во деталите на историјата. Ние со Бугарија имаме потпишано договор во којшто прифаќаме заедничка историја помеѓу двата народа и двете држави. И тоа е навистина сериозен исчекор во духот на пријателството. Од тука се појавуваат народите, јазиците, се развиваат, си помагаат, се усовршуваат, се стандардизираат како литературни јазици на земјите“, рече премиерот.

Тој потенцираше дека вчера од СДСМ се оградија од мислењето на нивниот коалиционен партнер и неговите ставови ги оценија како негово лично мислење, но и дека лично се слушнал со Георгиевски и тоа му го објаснил:

„Јас уште вчера искомуницирав со господинот Георгиевски, кога ја прочитав информацијата. И логично, и тој потврди дека тоа е негов личен став. Објаснив уште еднаш дека не може тоа да биде став ниту на Владата, ниту на коалицијата, затоа што нашите ставови се јасно позиционирани, и тој тоа го разбра. Не би сакал да навлегувам подетално во делот на одговорите заради предвечерието на изборите во Бугарија. Навистина не би требало преку медиумите да коментираме“, рече Заев.

Притоа, тој уште еднаш уверува дека Владата не преговара за овие прашања:

„Навистина, слобода е, секој може да каже свое мислење, но јас уште еднаш ќе кажам: Владата ниту преговарала, ниту преговара, ниту ќе преговара за македонскиот идентитет и јазик. Тоа е универзално право на сите нации, да имаат свој јазик и свој национален идентитет. Загарантирано е со ЕУ, со Лисабонските критериуми на кои е основана ЕУ, со Обединетите Нации, со универзалните права на определба, и апсолутно е прашање кое што е јасно и недвосмислено фиксирано за било кој“.

Прочитајте и:  Реслер: С. Македонија мора да направи конкретен чекор, но и ЕУ да ја сфати геополитичката димензија - во неа нема место за билатерални уцени

Заев уште еднаш истакна и дека историјата е работа на историчарите и изрази увереност дека тие ќе изнајдат решение. Сепак, тој не очекува некаков посериозен исчекор пред да завршат изборите во Бугарија и пред да биде формирана новата бугарска влада:

„Иако Бугарија вели ‘ние ги признаваме Македонците и македонскиот јазик како реалност, дај да разговараме за минатото’, навистина, за минатото не е потребно да разговараме јас и Борисов, или Захариева и Османи – тоа е доминантно прашање на историчарите и верувам дека ќе изнајдат начин, токму како историчари, да заокружат дел од минатото кое што, еве, Бугарија сака да го утврди. Постојат решенија и верувам дека ќе се изнајдат.

Не би давал длабински коментари, почитувам во Бугарија имаат избори. Знам како е кај нас кога има избори, така е соодветно и таму. Да им бидеме од помош на бугарските граѓани слободно да си донесат одлука на 4 април, а после изборите, штом ќе се формира владата во Бугарија, ние ќе продолжиме, уште посуштински да навлеземе, затоа што сакаме час поскоро да најдеме решение и ние да го продолжиме нашиот европски пат, односно да ја одржиме првата Меѓувладина конференција“.

„Знаете дека на враќање од Обединетите Арапски Емирати нашиот министер застана во Бугарија на едно кафе, една средба, не е на одмет да се поразговара, нормално. Но, дефинитивно мислам дека посуштински можеме да навлеземе кога ќе бидеме растеретени сите од притисокот на изборите. Така е порационално и ќе можеме да продолжиме детално да разговараме кога ќе се формира новата бугарска влада“, додаде Заев.

- Реклама -