Заев: Не ја игнорираме руската вакцина, внимаваме да не набавиме повеќе отколку што ни се потребни

Не се работи за никакво игнорирање, рече денеска премиерот Зоран Заев, прашан дали Владата ги игнорира понудите од Русија за нивната вакцина и зошто не набави од истата. Како што рече Заев, Владата секогаш со достојна почит постапува кон сите добронамерни понуди, но пред сѐ прави калкулација на количините и води сметка да не се расфрла, бидејќи вакцините чинат сериозни пари.

„Неколку пати се имам видено и со амбасадорот, министерот за здравство исто така. Се работи пред сѐ за одговорност. Ако имате во предвид дека сте ставиле потпис во КОВАКС системот, па дури и сте авансирале 20% и платиле од парите за вакцината, сте потпишале директен договор со Фајзер и ги калкулирате оние плус количини од 800 илјади, ја знаете отприлика количината за којашто Европска унија официјално објави (70 милиони евра за Западен Балкан) – ако само го пресметате и го ставите процентот на граѓани од Република Северна Македонија во Западен Балкан, можете да пресметате колку имате количини… тоа што е уплатено или договорено со Кина, тоа што го имаме како понуда со соседите, дел помогнаа а дел сѐ уште понудите се отворени, на крајот може да се доведете во состојба да имате 3 милиони вакцини за 1 милион граѓани вакцинација, или 2 милиони потребни вакцини. Така да, тука се прави одмерувањето“, рече Заев.

Прочитајте и:  Заев единствен од Балканот спомнат во новите мемоари на Меркел, опишан е како храбар и решителен

Притоа, тој потенцираше дека ниту еден од нашите стратешки партнери не ни забранил, условно речено, да набавиме од руската вакцина:

„Секако, јас уште еднаш потврдувам, здравјето на граѓаните е суверено право на граѓаните. Иако сме најнова членка на НАТО, апсолутно ниту НАТО, ниту Вашингтон, стратешките партнери на државата, ниту Европска унија има резерви или предрасуди во делот на изборот на вакцините, дали се работи за Фајзер, АстраЗенека, или се работи за Синофарм од Кина или се работи за Спутник од Русија или било каде. Конкретно е одговорност. Оти кога влегувате во прифаќање на понуда, ставате потпис, во најмала рака. Дури и парите да не се исплатени или авансите, потпис ако сте ставиле морате да ги искалкулирате сите количини. Така да, не смееме да дозволиме, се работи за скапа, многу важна работа, дел од вакцините се движат… ги знаете цените, ги има по јавноста, јас не смеам да ги коментирам заради confidential или потпишаните договори, но се работи за огромни народни пари. Така да, не смееме да си дозволиме ништо што е друго освен сериозност околу постапките за набавки на вакцини“, истакна премиерот.

- Реклама -