Заев не очекува блокада од Бугарија: Двата народа сакаат да се пријатели и така ќе постапат и политичарите

И покрај цврстите официјални негаторски ставови на Бугарија кон македонскиот идентитет и јазик, наведени и во „објаснувачкиот“ меморандум што Софија го испрати до членките на ЕУ со барање (под превезеот на добрососедството) нивното прифаќање да стане услов за почеток на преговорите на земјава за членство, премиерот Зоран Заев не очекува блокада од Бугарија на нашиот евроинтеграциски пат.

Идентитетските прашања, македонскиот јазик и народ се право на самоопределба што не може да се оспорува, повтори и денеска Заев, додавајќи дека Бугарија е европска земја и еден од нашите најголеми поддржувачи:

„Бугарија е европска земја и верувам дека во самите разговори, во самите документи е заради нивните напори, амбиции и оправдани желби да се најде заедничкото решение на заедничкото чествување на Гоце Делчев. Никако не очекувам да имаме пречки во тој дел заради тоа што дефинитивно од почетокот до ден денес Бугарија е еден од најголемите, ако не и најголем поддржувач на Република Македонија во интеграциите во ЕУ. Бугарскиот народ сака да помогне на македонскиот народ, македонскиот народ сака пријателски да биде определен кон бугарскиот народ и така ќе се движат и самите политичари или институции соодветно на желбата за пријателство и за уште поголема соработка“, рече Заев.

Извор: Канал 5

- Реклама -