Премиерот Зоран Заев денеска се огласи на официјалниот Фејсбук профил во обид подобро да ја образложи својата изјава во интервјуто за грчката телевизија Алфа, која предизвика низа реакции во јавноста, вклучително и од кругови кои се поблаго критички настроени кон актуелната власт по други прашања. Заев објасни дека не Македонците и македонскиот народ, туку Никола Груевски и неговата присвојувале историја како дел од пропагандата за спроведување на идентитетски инженеринг. Оттаму, Заев побара да не му се накалемува нему нешто што го правеле Груевски и неговата политичка елита во текот на 10-11 години.
„Јас многу често и подолго време јавно говорам за злоупотребата на историјата во политички цели. Така беше и на интервјуто за грчката телевизија Алфа на која бев прашан и одговарав за минатите штетни политики на национализам и антиквизација.
Не може мене да ми се накалемува нешто што не јас, туку Груевски и неговата идеолошка машинерија го правеа 10-11 години.
Не присвојуваа Македонците туѓа историја, туку Груевски и неговата политичка елита и нивните послушници квазиексперти кои тргнаа во медиумска офанзива да оправдаат идентитетски инженеринг.
Не македонскиот народ, туку Груевски и неговата пропаганда спроведоа идентитетски инженеринг за да насадат нешто што не е природен, ниту суштински дел од македонскиот национален корен.
Спроведоа масивна и масовна културолошка операција наречена антиквизација за да букефализираат цел еден народ и со тоа да нѐ скараат со сите соседи. Им успеа цела деценија да нѐ држат во изолација.
И додека врвеа и ги поттикнуваа наводните дебати за тоа кои сме и што сме, нѐ фрлија во изолација и ги фрлија во мрачните подруми нашите приоритети – ЕУ и НАТО. Го уназадија и блокираа целиот процес.
И додека го правеа тоа, зад таа димна завеса, ги извршија сите криминали и политички злосторства заради кои сега се соочуваат со правдата.
Јас ја вложив целата моја политичка сила за да решам прашања за иднината и за сите идни генерации.
Нашата земја и нашиот народ се справија со антиквизацијата и јас ќе продолжам да зборувам јавно за потребата од мир и соработка на Балканот, но и за моментите од заедничката историја кои ги спојуваат и поврзуваат нациите“, пишува премиерот Заев.