Заев: Недозволиво е цела државна служба да вакцинираме во Србија, ние сме држава

 

Граѓаните имаат слободен избор и ако тие решиле да се вакцинираат во соседна земја, Владата во тоа нема никако да се меша и да учествува, па дури ни со издавање дозволи за движење во полициски час за да можат граѓани да се вакцинираат во Србија, во случајов, истакна денеска премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање.

„Затоа што на тој начин државата ја инволвираме во нешто за коешто не можеме да носиме одговорност. Недај боже нешто да се случи, како тоа ќе преземеме ние одговорност?“, објасни Заев.

Истовремено, тој повтори дека Србија покажала огромен пријателски чин, но посочи дека дал инструкции да не се прави организирано вакцинирање на вработени во институциите во државава, бидејќи тоа би било недозволиво.

„Тие ги отворија границите и рекоа дојдете да се вакцинирате, и за граѓаните на Северна Македонија и на други земји. И тоа е океј. Денеска вакцинацијата е глобална проблематика и секој акт на солидарност и помагање е за поздравување. Но, истовремено, не можеме ние да одиме цела една државна служба да ја носиме да се вакцинира. Тоа е недозволиво за државата, ние сме држава. Може секој поединец, вклучително и вработен во јавната администрација, но поединечно. Така да, организациите како што се синдикат на оваа или онаа институција, јас сум дал дал инструкции – како институции не, а како граѓанин може секој. Ние видовме родители на пратеници, родители на политичари, може има и некој политичар што отишол, ние тоа не го знаеме. Но тоа индивидуално го направиле, не како институција, не како држава“, рече Заев.

Прочитајте и:  Заев единствен од Балканот спомнат во новите мемоари на Меркел, опишан е како храбар и решителен

„Така да, јас верувам дека прво слободата е придобивка, прво што граѓаните ја имаат, сами да одлучат“, порача тој, додавајќи дека показател на слобода е и јавната размена на критики меѓу претседателот на државата Стево Пендаровски и министерот за здравство Венко Филипче. Како што посочи премиерот, тоа порано било незамисливо.

- Реклама -