Заев: По избори сите политичари се поразумни, низ разговор и дијалог да се изнајдат решенијата со Бугарија

„Ние сме пријателски земји, нашите народи се блиски. Први соседи сме и треба да соработуваме. Изјавата на мојот колега, премиерот Јанев, ја прифаќам како добра, позитивна порака затоа што и навистина се движиме на позитивен пат. Иако работат сѐ уште технички комисии од двете министерства за надворешни работи, можам да кажам дека тоа е патот. Низ разговор, низ дијалог да се изнајдат решенијата“, изјави денеска премиерот Зоран Заев во село Теново, Oпштина Брвеница, каде почна акцијата за пошумување на опожарените површини.

Одговарајќи на новинарско прашање, Заев рече дека в среда во Словенија ќе имаат состанок со претседателот Радев, со високите претставници на ЕУ, со премиерот Јанша. Посочи дека на Самитот ќе бидат присутни еврокмесарот за проширување Вархеји, канцеларката Меркел, претседателот Макрон и многу други европски лидери и нагласи дека уште еднаш ќе потврдиме дека тоа е патот.

Според него, по завршување на изборите сите политичари, кај нас, во Бугарија и насекаде се поразумни, поодговорни отколку пред избори. Смета дека со завршени избори кај нас и во Бугарија тоа е првата причина за да имаме добра шанса.

„Втората уште посуштествена причина е во разговорите се движиме на добар пат. Меѓусебната разбирачка сѐ повеќе е присутна во разговорите. Тие да нѐ разберат нам, ние да ги разбереме нив и верувам дека низ едни такви разговори, низ дијалог, низ убава дипломатија, низ пријателство и подадена рака ќе го потврдуваме добрососедството, пријателството и соработката со Бугарија кое е означено со Договорот од 2017 година, но во пракса исто така тоа мораме да го гледаме секојдневно кај нас“, потенцира Заев.

Прашан за очекувањата од Самитот ЕУ-Западен Балкан, тој рече дека очекува генерално да се зборува за Западен Балкан и додаде дека ова не е одлучувачки, туку политички самит посветен на земјите од Западен Балкан, на кој ќе присуствуваат голем број претседатели, премиери, канцелари од сите земји членки на ЕУ.

Прочитајте и:  ЈСП доби шест еколошки автобуси, донација од Европската унија

„Словенија ни е голем пријател, отсекогаш ни била. Премиерот Јанша се залага многу да го врати позитивниот сигнал за проширувањето кон Западен Балкан. Верувам дека со соодветни формулации на реченици, со конкретни гестови, со сериозни одлуки ќе се испрати таа порака на проширување на ЕУ кон Западен Балкан и ќе биде недвосмислена, ќе биде чиста и јасна. Затоа што ова е обострано потребен процес. Да, нам ни треба затоа што сите земји од Западен Балкан нашата иднина ја гледаме во ЕУ, но и ЕУ знае дека ѝ треба Западен Балкан. Ние сме дел од Европа, ние не сме само дел од европскиот континент, туку сме дел од Европа како политички систем, како организација и сл. и нашето место е токму таму“, изјави Заев.

Потврдата, како што рече, ја имаме секојдневно, дали се работи за бегалска криза па заедно дејствуваме, дали се работи за енергетските проекти, за економските текови…

„Пораките мора да бидат чисти и верувам дека тоа ќе се случи в среда, на 6 октомври. Ќе биде дополнителна мотивација меѓу Бугарија и Северна Македонија навистина до крајот на годината да ја завршат оваа работа, ги затворат отворените теми и отворат едно ново поглавје на соработка, а тоа за нас значи европеизација во делот на совладување на поглавјата, кои верувам дека во 2022 година ќе бидат отворени“, изјави Заев.

Прашан за изјавата на премиерот Јанев, Заев рече дека ова се решава билатерално и додаде дека ние разговараме билатералано за да го изнајдеме решението.

„Имаме позитивни поместувања, билатерални во разговорите и тоа е причината зошто верувам дека ќе се придвижиме кон решенија и верувам дека сите сме заморени“, рече Заев. Додаде дека за време на кризата во споредба со лани трговијата меѓу нашата земја и Бугарија е порасната за 20 отсто.

- Реклама -