Заев: Посетата на Папата Франциск е огромно признание за Северна Македонија

Посетата на Папата Франциск е огромно признание за местото што Република Северна Македонија го зазеде во глобалната заедница на прогресивните земји, порача премиерот Зоран Заев на прес-конференцијата за домашни и странски медиуми по повод првата, историска посета на еден Папа на нашата земја.

 

„Посетата на Папата Франциск не е резултат на митологии. Неговата посета е израз на созреано време да се оддаде признание за историските врски од раните векови на христијанството кога Папата Адријан Втори ги благословил и осветил богослужбените книги на светите браќа Кирил и Методиј со кои подоцна е извршена христијанизацијата на словенските народи во Европа.

Република Северна Македонија низ сите векови на создавање на нејзината државност ги пренесе библиските пораки на надеж, утеха и толеранција и во својата современост.

Ватикан, Европа, и целиот свет, ги препознаа вредностите, убавината на различните култури, етнички заедници и религии што живеат во општество еднакво за сите.

Светата литургија со која Папата Франциск ги благослови католичките верници и сите граѓани со добра волја, е израз на почит за заедништвото меѓу народите на нашата земја кое го негуваме.

Тоа е силен поттик и поддршка за сите нас. Тоа е порака што до светот денеска беше пренесена од стотиците новинарски и телевизиски екипи што на овој историски ден беа во Северна Македонија.

Нашиот народ ја има волјата и ја следи мисијата на Мајка Тереза и тоа го потврдивме и на овој настан“, порача Заев.

Прочитајте и:  Папа Франциск: Лицемерните земји кои зборуваат за мир, а произведуваат оружје се виновни за војните

Тој истакна и дека подеднакво важно е и тоа што денеска Северна Македонија и граѓаните покажале и капацитет за исполнување на сите подготовки за дочекот на еден од најзначајните светски и духовни лидери, кој е инспирација за милиони и милиони верници и граѓани со добри срца.

- Реклама -