Заев: Се докажа дека граѓаните знаат да наградат храбри и исправни одлуки, потенцијалните коалициони партнери треба тоа да го разберат

Новиот мандатар Зоран Заев е подготовен целосно да ја прифати честа и одговорноста да ја предводи новата Влада во целото времетраење од новиот четиригодишен мандат, истакна тој денеска во Вила Водно, прашан дали покрај подготовките за формирање стабилна влада и тој самиот се подготвува да биде, условно речено, стабилен премиер на таа Влада преку целиот нејзин мандат.

„Јас сум многу среќен што и после сите овие големи одлуки што ги донесовме на надворешен но и на домашен план, добив чест и одговорност како победник на овие избори, предводник на победничката коалиција, да ја испратам пораката до политичарите од регионот, па и од Европа и од светот: дека не е точно и извесно дека политичарите кои носат храбри, мудри, исправни одлуки за својот народ – заминуваат во политичката историја. Не, еве овојпат се докажа дека граѓаните знаат да наградат храбри, одговорни, исправни одлуки за својот народ, колку и да биле тие тешки“, рече Заев.

Прочитајте и:  Заев единствен од Балканот спомнат во новите мемоари на Меркел, опишан е како храбар и решителен

Притоа тој потенцираше дека овие одлуки за нашата држава навистина биле поприлично тешки („некои беа отворени скоро 30 години“) и порача дека во едни такви околности потенцијалните коалициони партнери треба да ја разберат разумноста, одговорноста, честа и желбата да се биде во служба на граѓаните на новиот мандатар, и да овозможат тоа да го видат и почувствуваат граѓаните, преку позитивни промени пред сѐ во економскиот стандард.

 

- Реклама -