Заев: Важно е ЕУ да даде дополнителен имплус за да продолжи мотивацијата на граѓаните и институциите

Претседателот на СДСМ Зоран Заев заедно со генералниот секретар Љупчо Николовски денеска оствари средба со делегација на групата во Европскиот парламент Renew Europe предводена од претседателот Дачиан Колош.

На средбата се разговарало за актуелни теми, предизвиците во евроинтеграциите, реформскиот процес, како и актуелната политичка состојба во Република Северна Македонија.

Пред присутните, Заев ги истакнал спроведените реформи што Владата предводена од СДСМ ги спроведе а се важни за евроинтеграциите но и за самата држава, информираат од СДСМ.

„Во изминатите две и пол години покажавме дека сме посветени на европската иднина. Сторивме сѐ што ЕУ од нас бараше. Се посветивме на реформите кои се важни за правдата, за државата но и за европската иднина на нашите граѓани. Го усвоивме Законот за Јавно обвинителство кој е аргумент плус пред нашите партнери во ЕУ и испративме порака дека сме силно мотивирани во процесот на реформи. Ќе продолжиме да даваме уште повеќе аргументи пред Унијата и верувам дека тоа ќе биде препознаено и вреднувано“, порачал Заев.

Прочитајте и:  Заев единствен од Балканот спомнат во новите мемоари на Меркел, опишан е како храбар и решителен

Тој додал и дека важно е и ЕУ да даде дополнителен имплус за да продолжи мотивацијата на граѓаните и институциите за остварување на стратешката цел, интеграција во ЕУ.

Претседателот на Renew Europe – Дачиан Колош, му честитал на Заев за храброста и лидерството во решавање на отворените прашања, а ѝ честитал и на државата за постигнатите успеси на домашен и меѓу народен план. Тој порачал дека групата европратеници што тој ја предводи во Европскиот парламент ќе продолжи силно да се залага за брзо отворање на преговорите на Унијата со Република Северна Македонија и нејзина интеграција во Европската унија.

- Реклама -