Заев за „двобојот“ на Пендаровски и Филипче: Нападот е несоодветен, но здраво е да имаме и несогласувања

„Тоа што се случи меѓу претседателот и министерот е, пред сѐ, слобода“, изјави денеска премиерот Зоран Заев, прашан за вчерашата пинг-понг размена на обвинувања и критики меѓу претседателот на државата и министерот за здравство Венко Филипче.

Прашан дали можеби би се оградил од изјавите на Филипче, Заев посочи дека секогаш кога министер од неговата влада реагира, претходно го консултира и информира и него. Тоа било случај и вчера, и затоа нема потреба да се оградува, рече премиерот.

Како и Филипче, и тој го оцени „нападот“ на Пендаровски како „несоодветен“.

„Нападот на претседателот е несоодветен. Многу го почитувам претседателот и имаме одлична соработка, но знаете како, не ни е лесно на никој. Прашањето е кој што правиме во сите овие моменти за час поскоро да најдеме и да донесеме вакцини и да се спроведе имунизацијата“, рече Заев.

Алудирајќи на оценката на Пендаровски дека сликите од Србија биле „срам за нашата држава“, Заев посочи дека граѓаните имаат слободен избор и ако тие решиле да се вакцинираат во соседна земја, тоа е нивно право. Државата нема да се меша, потенцираше тој, вклучително и во помагање на тој процес, како на пример со издавање на дозволи за движење во полициски час за да можат граѓани да се вакцинираат во Србија, во случајов, бидејќи со тоа би се вклучила во нешто за што не може да преземе одговорност во случај на „недај боже, нешто да се случи“, како што рече Заев.

„Така да, јас верувам дека прво слободата е придобивка, прво што граѓаните ја имаат, сами да одлучат. Второ, порано беше мисловна именка така да искомуницираат претседателот и министерот кога не се согласуваат за нешто. Па и не може за сѐ да се согласуваме. На крајот, здраво е и да имаме несогласувања. Но тоа не значи дека не се почитуваме доволно“, истакна премиерот.

 

 

- Реклама -