Заев за „Канал 5“: Ние сме непријатели на корупцијата и влезени сме во сериозен клинч со овие општествени болести

Премиерот Зоран Заев вели дека е свесен дека не постои власт за која народот би верувал дека нема корупција во нејзиниот прв и втор ешалон и затоа, со изјавата во која вината практично ја посочи кај администрацијата, целта не му била да го убедува народот во спротивното. Во изјава за „Канал 5“, тој истакна дека поважно е тоа што ќе направи секој од нас за да бидеме поблиску до целта, која е да нема корупција во ниту еден ешалон од власта и во ниту еден дел од општеството.

„Ние сме непријатели и противници на корупцијата и влезени сме во сериозен клинч со овие општествени болести. За разлика од претходната, оваа Влада сериозно ги зема предвид и постапува по меѓународните извештаи“, вели Заев, додавајќи дека Владата внимателно ги чита и анализира сите наоди и ги користи за помош во менувањето на ситуацијата генерално, а не само во администрацијата.

„Нашата антикорупциска стратегија е за сите ешалони. Тоа е прочистувањето на правосудството, етичкиот кодекс за функционерите – кој важи прво за мене, а после за сите други, постојаното зголемување на транспарентноста на институциите, новата стратегија за конфискација на имот, дигитализацијата на институциите со која се отстранува човечкиот фактор при носењето одлуки и унапредувањето на системот за јавни набавки. Ова се мерки кои спречуваат корупција и кај министрите, и кај службениците, и кај граѓаните“, категоричен е премиерот.

Прочитајте и:  Агелер: Црната листа е многу динамична - постојано се разгледуваат имиња и едвај чекаме да додадеме нови

Подвлекувајќи дека системот „се справува и со крупните и со ситните риби“, притоа посочувајќи ги судските пресуди за затворски казни за повеќе високи политичаари, Заев испрати, како што рече, јасна порака до сите носители на јавни функции – од првиот и вториот ешалон, па до државните службеници и сите граѓани:

„Внимавајте, сега сѐ е јавно, сите знаат сѐ поради транспарентноста – учеството во коруптивни активности не се исплати и сериозно ќе биде казнето“.

- Реклама -