Заев за најавата од Ахмети: Претседател Албанец ќе има кога сите граѓани ќе бидат подготвени да го изберат

Премиерот Зоран Заев вели дека нема ништо против претседател на државата да биде Албанец и оти би сакал да го дочека тоа, но нагласи дека за тоа да се реализира потребна е поддршка не само од Албанците кои живеат во земјата туку и од останатото неалбанско население, бидејќи како што рече, претседател се избира на непосредни избори, а не со партиски и политички договори.

„Ќе го чекам моментот кога граѓаните и Македонци, Албанци, Срби, Власи и Турци ќе бидат подготвени да изберат граѓанин кој не е Македонец. Ова е наша заедничка земја, овде сите сме родени, татковците и дедовците ни се родени, а тука ќе ни биде и заедничката иднина“, рече Заев во одговор на новинарско прашање за тврдењата на лидерот на ДУИ Али Ахмети дека следно што ќе исполни оваа партија ќе биде избор на Албанец за претседател на државата.

Прочитајте и:  Честитка од Ахмети за Денот на албанската азбука: До вчера го унапредувавме, денеска мора да го браниме албанскиот јазик 

Премиерот потсети дека преседателот се избира на непосредни избори каде гласаат граѓаните, и оти тоа не се договара партиски и политички.

„Тој момент ќе сакам да го дочекам, да бидам жив и здрав, јас, а и сите ние. Тоа ќе значи афирмација на личност, на граѓанин пред сѐ и како граѓанин без разлика на својата етничка определба да помине кај граѓаните кого најмалку 50 отсто од Македонците, 50 отсто од Албанците, 50 отсто од Србите, Власите, Ромите, Бошњаците и сите кои што живеат во нашата земја би го гласале за претседател“, истакна Заев на прес-конференција во Владата.

- Реклама -