Заев за новите мерки: Да им помогнеме на здравствените работници и да ги поминеме празниците во мир и спокој, со сите најблиски на број

Најновите тенденции јасно покажуваат дека британскиот сој на коронавирусот во земјава зема сѐ поголем замав и од овој вид заразувањето е многу полесно и многу побрзо и најчесто резултира со исклучително тешки последици по човековото здравје, истакна премиерот Зоран Заев, на денешната заедничка прес-конференција со министерот за здравство Венко Филипче, заменик-министерот за здравство Илир Хасани и претседателот на Комисијата за заразни болести, прим. д-р Жарко Караџовски. Од овие причини, рече Заев, веднаш по предочувањето од страна на стручните лица, а во пресрет на затоплувањето и на големите празници кои следуваат, и согласно потребата да се одморат здравствените работници, Владата донела одлука дека се неопходни нови рестриктивни мерки.

„Бројот на новозаразени граѓани, како последица од коронавирусот, расте. Бројот на починати граѓани, како последица на коронавирусот, расте. Досега здравствените работници се справуваа со сите предизвици во болниците и КОВИД-центрите. Но, сега веќе постои сериозно оптоварување на здравствените работници кои деноноќно и со сите свои сили се во битката за спасување човечки животи. Ова е најголемото оптоварување на здравствениот систем во државава од почетокот на пандемијата. Многу држави, и со многу поразвиени здравствени системи, се соочија со ваква ситуација и порано од нас. Ова е моментот кога е потребно да пресретнеме нови, сериозни влошувања на здравјето на граѓаните и на функционалноста на здравствениот кадар и здравствениот систем“, истакна премиерот образложувајќи ги новите ретстриктивни мерки:

• Се воведува времена забрана и посебен режим на движење на граѓаните (полициски час) на територијата на Република Северна Македонија, во временски период од 20:00 часот до 05:00 часот наредниот ден, почнувајќи од 6 април 2021 година, (вторник) до 20 април 2021 година (вторник).

• На граѓаните кои извршиле имунизација/вакцинација во центрите за вакцини, за временскиот период непосредно пред започнувањето на полицискиот час, им се дозволува враќање до своите живеалишта и престојувалишта, врз основа на потврда за извршена вакцинација.

• Целосна забрана за посетители, гости, во сите угостителски објекти, кафетерии, ресторани, барови, клубови и други објекти кои во склоп на истиот даваат угостителски услуги, како и во угостителските објекти, дел за исхрана во угостителските објекти за сместување, хотели, мотели, хостел, пансион и други објекти за сместување или на бензински станици. Оние угостителски објекти кои вршат подготовка и продажба на храна, можат да остваруваат продажба на алтернативни начини: онлајн или телефонски нарачки и слично. И, сите заедно, да вршат достава или да овозможуваат самостојно подигнување на нарачката надвор од угостителскиот објект преку штанд/пулт, почнувајќи од 7 април 2021 година (среда) до 20 април 2021 година (вторник).

Исклучок од ова се угостителските објекти на Меѓународниот аеродром „Скопје“ и аеродромот „Свети Апостол Павле“ во Охрид, како и угостителските објекти, деловите за исхрана во угостителски објекти за сместување, хотел, мотел, хостел, пансион и други објекти за сместување, за посета од лица сместени во овие објекти.

• Целосна забрана за посетители и гости во сите обложувалници, односно приемот на посетителите и работата на обложувалниците да биде овозможена исклучиво преку вршење на шалтерска услуга, шалтер, штанд, пулт. Односно, угостителскиот објект, дел во обложувалниците, како и во казината, да биде затворен за посетители почнувајќи од 7 април 2021 година (среда) до 20 април 2021 година (вторник).

• Целосна забрана за посетители и гости во сите вежбални, фитнес клубови, спортски центри и сали наменети за вежбање, почнувајќи од 6 април 2021 година (вторник) до 20 април 2021 година (вторник).

• Забрана за организирање, одржување и присуство, учество на секаков вид на семинари, обуки, работилници, курсеви, конференции и други настани од ваков вид почнувајќи од 6 април 2021 година (вторник) до 20 април 2021 година (вторник).

• На земјоделците им се овозможува движење врз основа на дозволите од подрачните единици и општинските кризни штабови до пазарите и назад од пазарите, до нивите и слично, а за време на полицискиот час

• Сите граѓани кои живеат во станбени објекти за колективно домување и што имаат домашни миленичиња (куче) да може да ги изнесуваат надвор од своите домови во вечерните часови во времетраење од еден час, почнувајќи од 22:00 часот до 23:00, најмногу до 100 метри од објектот во кој живеат.

Заев посочи и дека останува во сила забраната за групирање на повеќе од четворица граѓани, но со засилени инспекции и контроли.

Почитувањето на новите мерки е неопходност, потенцираше премиерот, кој повика на максимална одговорност од секој граѓанин и максимална ангажираност на институциите со цел нивно доследно спроведување.

„Ќе има зајакнати инспекциски контроли и полициски активности, со цел да се спречат несовесни, масовни групирања. Ова е момент кога е потребна целосна мобилизација на граѓаните и општеството во заштитата на јавното здравје кое што е обврска на секој од нас. За жал, мораме да констатираме дека досега недоволно се почитуваа мерките на лична заштита и мерките на колективна заштита. Посебно, олабавеност се гледа во последните седмица“, рече Заев.

Целта на мерките, во пресрет на празниците, е да се овозможи празничните денови секој граѓанин и секое семејство да ги помине во мир и спокој, со саканите на број и на трпезата во домот, додаде премиерот.

Министерот за здравство, пак, посочи дека се соочуваме со бран којшто е предизвикан од мутација на вирусот, која е различна во однос на карактеристиките што тој вирус ги имаше во месец ноември минатата година.

„Имаме голем број на пациенти кои се хоспитализирани во болниците. Имаме една карактеристика, лекувањето сега да трае нешто подолго во однос на лекувањето на заболените кои беа хоспитализирани минатата година во месец ноември и тоа создава дополнителен терет на сите болнички установи каде што се хоспитализираат пациентите, притисок на сите здравствени работници коишто се целосно мобилизирани и учествуваат во лекувањето на овие пациенти. Во таа смисла досегашните мерки на некој начин ги стабилизираа бројките, не дозволија експоненцијален раст во делот на хоспитализацијата. Пикот, се надевам дека нема да има измени, беше на 31 март, 1 април, 2 април, сега нешто се намалува, сепак е огромна бројката на новодијагностицирани пациенти целиот овој изминат период, огромна бројката на хоспитализирани пациенти и сето тоа, иако со намалена динамика, се акумулира и создава огромен притисок во болниците“, рече Филипче.

Како што истакна тој, празниците коишто доаѓаат може дополнително да ја комплицираат епидемиолошката ситуација и во таа смисла владата не сака да дозволи во продолжение на целиот тој период да се случи уште едно дополнително оптеретување на здравствениот систем.

„Такво нешто веројатно тогаш тешко би можеле да го изменаџираме и во таа смисла се сите овие дополнителни рестриктивни мерки со цел епидемиолошката слика дополнително да стивне“, рече Филипче.

Претседателот на Комисијата за заразни болести – прим. д-р Караџовски, истакна дека мерките се носат со консензус и дека Комисијата има одлична соработка со Владата на тој план.

Тој посочи дека во последните три седмици има реско зголемување на бројот на позитивни случаи и просечната бројка се движи од 1.200 до 1.300 позитивни, кои почнуваат да ги полнат здравствените капацитети, што ја наметнува потребата сега да се воведат овие мерки со цел за да се менаџира кризата и да се одржува кондицијата на здравствениот систем.

- Реклама -