Захариева: Бугарија не е во состојба да ја одобри преговарачката рамка за РС Македонија, нереални се шпекулациите дека во последен момент ќе има промена

„Многу јасно ја изразивме нашата позиција. Сега веќе таа е многу видлива во јавноста. Уште минатата година владата донесе во парламентот декларација која беше поддржана од сите партии. Така што, нашата позиција во однос на РС Македонија не е нова, како што некои тврдат. Сметам дека имаме целосна обединетост по тоа прашање“, изјави бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи – Екатерина Захариева, на бугарската „bTV“, пренесува БГНЕС.

Таа истакна дека во интерес на Бугарија е сите земји од Западниот Балкан да се присоединат кон ЕУ, но дека во моментов Бугарија не може да каже „ДА“ за земјава:

„Во овој момент Бугарија не е во состојба да ја одобри преговарачката рамка за РС Македонија. Има Договор за пријателство и добрососедство кој е потпишан во 2017 и ратификуван во 2018 година, но тој не се исполнува“, тврди шефицата на бугарската дипломатија.

Според Захариева, Бугарија нема претензии во однос на тоа како се определуваат граѓаните на земјава (и покрај, како што вели, шпекулациите во Македонија), но и Македонците не требало да имаат претензии кон бугарската историја.

„Но, не нѐ загрижува само историјата, туку и говорот на омраза. Непризнавањето на историската вистина доведува до доста сериозни проблеми во односите меѓу двете земји“, додава таа, па објаснува:

„За разлика од останатите балкански држави, со кои имаме споделена историја, со РС Македонија имаме заедничка историја. Скопје го потпиша Договорот, но сега се обидуваат да избегаат од тоа. Со држави како Грција и Турција имаме споделена, но не заедничка историја, за разлика од Македонија“.

Таа потенцира дека Бугарија не сака на македонските граѓани да им кажува како да се самоопределат и дека не е во тоа проблемот.

Во однос на евентуалната промена на позицијата, односно попуштање на Бугарија, Захариева вели дека таквите очекувања се нереални:

„Кабинетот е обединет по прашањето за Македонија. Во постојан контакт сум со премиерот Бојко Борисов. Секакви шпекулации дека некој нешто ќе промени во последен момент не одговараат на вистината“, категорична е шефицата на бугарската дипломатија.

Како што истакна, треба со добра волја да се исполнува Договорот потпишан од двете страни, а не да се бараат начини истиот да биде заобиколуван.

Захариева се осврна и на прашањето со малцинствата:

„Ние не сакаме бугарско малцинство во РС Македонија бидејќи тоа ќе значи да го признаеме делото на оние кои 75 години работеа за уништувањето на бугарската самосвест на тамошното население, за нејзино бришење. Во РС Македонија треба да бидат создадени услови луѓето кои ја декларираат својата бугарска самосвест да не бидат дискриминирани и да можат слободно да декларираат што се. За жал, од другата страна на границата чувме многу искази“.

„Преговарачките тимови треба да работат, сѐ уште не сме постигнале согласност по сите прашања за да кажеме ‘ДА’. Премиерот Борисов исто така ѝ објаснил на канцеларката Ангела Меркел дека напредокот не е доволен“, истакна Захариева.

Во однос на работата на заедничката македонско-бугарска комисија, Захариева смета дека согласноста постигната меѓу историчарите во однос на пет личности од средновековието не е доволна. Тој резултат не е објавен јавно и не е влезен во учебниците, што значи дека резултатот од работата на комисијата е минимален, бидејќи не допрел до македонското општество, оценува таа.

 

- Реклама -