Захариева: Препораката Бугарија да признае малцинство е стимулирана од Скопје, со прифаќање на историската реалност ќе немаат веќе такви претензии

„Договорот од 2017 година ги има сите гаранции доколку се исполнува совесно и од двете страни. За жал, нашата оценка е дека тоа не е така. И покрај многуте шпекулации во медиумите, пред сѐ во Република Северна Македонија, ниту сме барале промена на Уставот, како што се зборува таму, ниту нашите претензии се нови, ниту пак сме го оспорувале правото на самоопределување и правото на секој еден граѓанин, вклучително и на граѓаните на Република Северна Македонија, ниту правото да го нарекуваат јазикот како сакаат“, изјави денеска за БГНЕС бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи – Екатерина Захариева.

„Знаете, во тој договор има две комисии – едната е историската, другата е меѓувладина комисија која еднаш годишно треба да се состанува и да го следи исполнувањето на договорот и да ги посочува новите задачи. Се согласивме за многу нешта, вклучително и за забрзување на работата на комисијата, но како резултат таа не само што не се забрза, туку и запре. Во секојдневни преговори сме. Ние во никој случај немаме за цел да ја запираме, особено што ние во текот на сите овие 30 години сме ја помагале РС Македонија. Во време на нашето претседателство се постави темата. Очигледно било мошне успешно. Факт е дека низа претседателства по нас, вклучително и германското, ја поставуваат европската перспектива на земјите од Западен Балкан како основна тема. Така што, ние сме во преговори, дури и во моментов. Денес онлајн тимовите на нашите две министерства за надворешни работи се обидуваат да ги решат конфликтните прашања така што да гледаме повеќе кон иднината. Но, малку време останува. Интензивни се преговорите“, истакна Захариева.

Таа потенцира дека иако решението за започнување на преговори е донесено во март, датумот 10 ноември – кога Советот за општи прашања треба да ја одобри преговарачката рамка, не е никаков конечен, туку е индикативен датум:

„Во моментов Бугарија не е во состојба да ја одобри преговарачката рамка во таа форма во која е претставена. Имаме време, но тоа е кратко“, категорична е шефицата на бугарската дипломатија.

Прашана што е тоа од што не отстапува Бугарија, Захариева вели:

„Како што ние ја признаваме реалноста, така и тие треба да го признаат минатото. Нема ништо сложено“.

Вицепремиерката, притоа, ги оцени како крајно неприфатливи „претензиите за малцинство“:

„Тие не само што не го променија однесувањето, туку сетете се и на резолуцијата на Европскиот парламент. Тешко дека прашањето за малцинството е задача број еден за европските пратеници. Најверојатно вклучувањето на препораката Бугарија да признае малцинство е стимулирана од Скопје. Фактот што тие обиди продолжуваат и се поддржани од институциите во РС Македонија, значи дека и покрај декларираните на збор гаранции дека тоа нема да се случува – тоа се случува. Тоа е многу важно за нас и исто така е црвена линија. Тоа прашање е поврзано со историската вистина. Зошто, ако се каже каква е таа, нема да има претензии за македонско малцинство во Бугарија од нивна страна“, потенцира Захариева.

 

- Реклама -