Захариева вечерва на „дискретна средба“ со Османи и Димитров, со посредство на Берлин

Бугарскиот премиер Бојко Борисов ја испрати вицепремиерката и министерка за надворешни работи Екатерина Захариева во Берлин, каде вечерва на покана на германското претседателство на Советот на ЕУ, таа ќе оствари „дискретна средба“ со претставници од владата на Република Северна Македонија, објави бугарската БГНЕС во текст со наслов „Борисов го испраќа дипломатот №1 во Берлин со тврда позиција за РСМ“.

Како што објави МИА, пак, споменатите претставници од македонската влада ќе бидат министерот за надворешни – Бујар Османи, и вицепремиерот за европски прашања – Никола Димитров. Од Владата потврдуваат дека тие биле поканети на работен состанок во Берлин од страна на шефот на германската дипломатија – Хајко Мас, и германскиот државен министер за Европа – Михаел Рот.

Како што велат од Владата за МИА, средбата ќе биде во функција на приближување на позициите на Скопје и Софија:

„Целта на состанокот е да се разгледаат можностите за решенија во рамки на Договорот за пријателство за да имаме заедничко успешно претседавање со Берлинскиот процс за Западен Балкан и заеднички успех во однос на процесот на ЕУ интеграции“, велат оттаму.

Според БГНЕС, пак, целта на разговорите во Берлин е Бугарија да ги изложи условите при кои би можела да го поддржи почетокот на преговори на РСМ за членство во ЕУ.

„Се очекува Захариева да ја претстави цврстата позиција на Софија, потенцирајќи дека има сѐ помала временски простор до донесувањето на решение“, пишува агенцијата, додавајќи дека остануваат броени денови до конечната одлука на Советот на ЕУ за тоа дали РСМ ќе започне преговори за членство.

Од бугарското МНР ниту ја потврдиле, ниту ја демантирале информацијата.

- Реклама -