Заклучоци на ГАК: Северна Македонија ќе го продолжи европскиот пат откако ќе бидат усвоени уставните измени

Северна Македонија ќе го продолжи преговарачкиот процес со Европската Унија откако ќе бидат усвоени уставните амандмани, што е предвидено со Преговарачката рамка и со заклучоците на Советот на ЕУ од јули 2022 година, се наведува во заклучоцоте усвоени на денешното заседание на Советот за општи работи на Унијата.

Како што изјави еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји по заседанието на ГАК, усвоените заклучоци се фундаментални за напредокот на политиката за проширување и со нив се потврдува напредокот на 10-те кандидати за членство и се испраќа јасна порака за посветеност на проширувањето на ЕУ со земјите од Западниот Балкан, Турција, Украина, Молдавија и Грузија.

„Ова е година на моментум на политика на проширување на ЕУ и драго ми е што не само што успеавме да дадеме предлози до Советот, туку донесoвме и одлуки“, рече Вархеји, додавајќи дека сепак конечната одлука околу процесот на проширување ќе ја донесат лидерите на Унијата на Самитот во четврток и во петок.

Шпанскиот државен секретар за ЕУ, Пасквал Игнасио Наваро Риос, чија земја е актуелен претседавач со Унијата, посочи дека Советот за општи работи усвои заклучоци за проширувањето по долга расправа и во нив е изразена поддршка за овој процес, кој е оценет како важен за иднината на Европа.

Во делот од заклучоците за земјава се поздравува првaта меѓувладина конференција одржана во јули 2022 година и успешното завршување на скрининг процесот и се додава дека втората меѓувладина конференција ќе биде свикана без дополнителни одложувања или потреба од носење дополнителна политичка одлука, штом земјава го заврши процесот на уставните измени, согласно заклучоците на Советот од јули 2022 година.

Прочитајте и:  Николоски: Ако сработиме добро со Франција, дипломатски тешкаш за едно попладне во Софија би го решил проблемот

„Советот ја повикува Северна Македонија да го забрза усвојувањето на овие измени, по што Советот е подготвен да го отвори првиот преговарачки кластер што е можно поскоро, во согласност со Преговарачката рамка. Советот ги охрабрува сите партии во Собранието да се фокусираат на унапредување на реформите поврзани со ЕУ и процесот на пристапување во Европската Унија“, се наведува во заклучоците.

Дополнително, се поздравува нивото на подготовка на земјава во клучните области и се нагласува важноста од забрзување на реформите поврзани со ЕУ и нивна натамошна консолидација и имплементација, пред се, во областите на владеењето на правото и на основните права,  вклучително и правата на лицата кои припаѓаат на малцинските заедниците.

Исто така, се бара и гарантирање на независноста, професионалноста и непристрасноста на судството, зајакнување на борбата против корупцијата и организираниот криминал и реформи во јавната администрација.

„Советот изразува сериозна загриженост за некои измени на Кривичниот законик, кој влијае на голем број случаи на корупција на високо ниво, како и на несоодветни надворешни влијание врз работата на Судскиот совет и судството“, се додава во заклучоците.

Исто така, се апелира на зајакнување на слободата на медиумите и на изразувањето и се нагласуваат очекувањата за конкретни резултати од имплеметацијата на договорите со Грција и Бугарија.

- Реклама -