„А замислете што ќе беше ако ја немаше Европската унија…“

Говорејќи за иднината на Европа, на панелот во рамки на Бледскиот стратешки форум, словенечкиот претседател Борут Пахор истакна дека тој е голем заговорник на европската идеја, која мора да опстане, за да можеме сите заедно да се соочиме со предизвиците во име на заедничкото добро.

„Секогаш бев, сум и засекогаш ќе бидам голем поддржувач на европската идеја“, истакна Пахор, признавајќи дека европската идеја последниве неколку години е во криза.

Решението на таа криза може да оди во еден или во друг правец. Големата европска идеја е да бидеме заедно и заедно да се соочуваме со предизвиците, додека алтернативата е со проблемите да се бориме поединечно, на национално ниво.

Пахор укажа дека ЕУ – на почетокот на работата на новата бриселска администрација, се соочува со два проблема: Брегзит и илегалната миграција.

„За да бидеме успешни во соочувањето со овие два проблеми, мораме да работиме заедно, да направиме заеднички чекори“, истакна тој, додавајќи дека е оптимист околу опстанокот на таа европска идеја бидејќи, како што рече, нема подобра алтернатива. Оттаму, на сите нас останува да ја развиваме таа идеја и понатаму, бидејќи Европа и понатаму е најдоброто место за живот. „Да ја развиваме таа идеја за нашите деца и за нивните деца, за да живеат во мир и стабилност“, порача тој.

На значајноста на ЕУ укажа и естонската претседателка Керсти Калјулаид. Таа ги потенцираше прашањата за тоа дали ЕУ е корисна, зошто е неефикасна и зошто не е побрза во донесувањето одлуки, но истовремено даде и одговор – „помислете како би било да ја немаше ЕУ“.

Прочитајте и:  Орбан: Следуваат двата најопасни месеци од војната, Западот треба најсериозно да ги сфати зборовите на Путин

Како пример, таа ја наведе одлуката на ЕУ од 90-тите, за одржување на реките чисти, истакнувајќи дека ако не беше  ЕУ, проблемот ќе се „решавал“ на сосема поинаков начин – најпрво ќе се бараше место каде би се одржала конференцијата на таа тема, потоа би била одржана дискусија, би биле донесени задоцнети мерки, а потоа би се водело дискусија за тоа зошто немаме механизми што ќе гарантираат примена на договорените мерки. Оттаму, ЕУ е поефикасна отколку што би била било која друга алтернатива, истакна Калјулаид.

Таа ја начна и темата на климатски промени, порачувајќи дека ако сакаме планетата да биде безбедна, не гледа ништо друго освен ЕУ да донесе заедничко решение за прекин на загадувањето.

По прашањето на Брегзит, Пахор рече дека мора да се почитува тоа што Британија избра да ја напушти ЕУ, но и дека Унијата треба да води сметка и за своите интереси.

По прашањето на миграцијата, тој заклучи дека Европа може да направи повеќе по прашањето на обезбедување на надворешните граници.

Пахор ја начна и темата за Русија, наведувајќи дека таа сака да остави свое влијание и моќ на Балканот, но истовремено и посочи дека Европската унија не сака да се откаже од овој простор. Притоа Пахор ги повика и САД да продолжат со активностите во регионот.

- Реклама -