Започнува културно – забавното лето „На зајдисонце“ во Трпеица

Од вчеравечер до 28 јули во Трпејца по 13 пат ќе се одржува културно – забавното лето „На зајдисонце“, чиј организатор е Здружението „За Трпејца со љубов“.

Фестивалот ветува интересна програма во која до израз ќе дојде креативноста на младите но и промоција на Трпејца од историски, културен и спортски аспект. Публиката на отворената сцена под ведро небо „Кај бунарот“ во наредниве девет дена ќе може да ја проследи проекцијата на документарниот филм: „Кино Охридско Езеро“ од Љупчо Паункоски. Ќе биде промовирана монографијата за селото „Трпејца – Трпеза со духовна благодат “ од авторот Игор Никовски, а младиот историчар Петар Симоноски ќе презентира факти за Трпејца во 16 век. Планирани се настапи на драмското студио „Цвет 75“ под раководство на Драгана Боцеска со претставата „Ќерките на Фроса“, концерт на млади музички надежи, информираат организаторите.

„Во Трпејца првпат настап ќе има и новиот женски хор при Црвен крст – Охрид „ACordis“ под раководство на диригент Биљана Николоска, ќе се случува фото конкурсот за најдобра фотографија од Трпејца направена со мобилен и денот посветен на Кајакарскиот клуб „Рибар“ и неговиот основач и тренер Номче Митрески и ќе има уште многу други содржини“ најавуваат организаторите.

Свеченото отворање на манифестацијата „На зајдисонце “ вчеравечер започна со мини изложба од ланската Меѓународна колонија одржана во Трпејца по која следуваше концертот на Влатко Броз и ДЏ Марама.

Во прилог е програмата на фестивалот.

- Реклама -