Затворање на фестивалот „Преку Езерото“


Вчера, во 20 часот во Дојран со доделување на наградите свечено беше затворено третото издание на фестивалот на медитеранскиот и балканскиот филм „Преку Езерото“.

Меѓународното жири составено од: Електра Венаки од Грција, Предраг Пеџа Милојевиќ од Србија и лауреатот на овогодинешниот фестивал на „Наградата Мето Јовановски“, актерот Владо Јовановски, решија Гран Прито за надобар медитерански и балкански филм да ја добие грчката дистописка драма „Тишина 6-9“, на режисерот Христос Пасалис. Филмот припаѓа на новиот грчки таканаречен чуден филмски бран, предводен од светската кинематографска ѕвезда Јоргос Лантимос.

Наградата за најдобар краток филм ја доби овогодинешниот кански победник „Човекот кој не знаеше да молчи“, на Небојша Слепчевиќ кој ни раскажува кратка потресна пост-воена драма.

За најдобар режисер на медитеранот наградата беше доделена ex aequo (подеднакво) на Александра Лазаровски од Србија, за краткиот филм „Ѕвездена“, социјална драма за две девојчиња во Белград кои останале без татко, и на режисерот Ѓорче Ставревски од Македонија за неговаиот краток филм „Дали си маж“, во кој едно дете во Скопје без татко за прв пат е ставено на тест на „храброста“.

Специјално признание од фестивалското жири беше доделено на филмот „И покрај тоа што е ноќ“, на режисерот Гилермо Гарсија Лопез од Франција.

Оваа година за прв пат беше формирано и студентско жири, со цел да се даде потполна антиципација на студентите по филм и телевизија. Тие, сосема спротивно на големото жири, одлучија дека најдобра медитеранска приказна е политичката драма „Руски Конзул“ на Мирослав Лекиќ од Србија, која се одвива во 70тите години на минатиот век во поранешна Југославија.

Исто така, студентите имаа извонредна и единствена можност, за прв пат во Македонија, на еден фестивал да ги претстават своите најдобри приказни и да добијат грант за реализација на нивните дипломски филмови. Па така, грантови беа доделени на четири краткометражни филмови кои ќе се реализираат во следните дванаесет месеци, а македонска премиера ќе доживеат на следното, четврто издание на „Преку Езерото“.

Оваа година, исто така за прв пат беше организирана работилница за деца и млади кои активно се запознаваа со проблемот на филмската писменост и стекнаа основни познавања за филмскиот јазик.

Фестивалот е поддржан од Агенцијата за Филм и општина Дојран. Помагатели на фестивалот се: М-Тел, Гулф, Витаминка и други. А фестивалскиот корнер оваа година беше во хотелот Ла Тераса во Дојран.

- Реклама -