Затворени Олимписки игри во Париз


По 16 дена возбудливи натпревари, Париз ја симна завесата на 33-то издание на Летните олимписки игри, на кои учествуваа повеќе од 10.000 спортисти од 206 земји, вклучително и екипата на бегалците.

За разлика од церемонијата на отворање, која првпат во историјата се одржа надвор од стадион, со дефиле на бродови и пловидба по реката Сена цели шест километри и во присуство на околу 300.000 гледачи, церемонијата на затворањето се одржа во вообичаениот амбиент, на стадионот „Стад де Франс“ пред повеќе од 70.000 гледачи.

Свеченото затворање беше наречено „Рекорди“ и го режираше Томас Џоли, кој беше и уметнички директор и на свеченото отворање.

„Стад де Франс“ беше претворен во голем театар. Учествуваа повеќе од 270 изведувачи, акробати, танчери и циркуски уметници. Огромна и напорна сценографија, костими и спектакуларни светлосни ефекти ја однесоа публиката на патување низ времето, минатото и иднината. Дел од претставата се одвиваше во воздух.

Церемонијата вклучуваше и секвенца наречена „Записи“, која донесе патување низ времето како сон, предводено од „Златниот патник“. Неговата одисеја започна на почетокот на Олимпијадата пред да продолжи во научно-фантастична дистописка иднина каде што Олимпијадата исчезнала и мора повторно да се возобнови.

На патот „Златниот патник“ откри симболи на мир и единство кои ги одразуваат вредностите на олимпизмот. Овој лик е инспириран од референци од француската историја, вклучувајќи го и Духот на Бастилја, како и суштества од научна фантастика и видео игри.

„Осмислив претстава во која Олимписките игри уште еднаш исчезнуваат, а некој доаѓа и ги воспоставува. Сакаме да славиме, но свесно. Овој момент на славење ќе биде и можност да размислиме за важноста на Олимписките игри во нашето општество“, рече Жоли.

Церемонијата започна во „Jardins des Tuileries“, каде што се наоѓаше олимпискиот котел, а Захо де Сагазан и хорот на Академијата Хендл-Хендрикс ја изведоа безвременската класика „Sous le ciel de Paris“ на славната париска пејачка Едит Пјаф.

Песната го придружуваше гасењето на олимпискиот котел и заминувањето на пламенот во рацете на освојувачот на четирикратниот златен медал, францускиот пливач Леон Маршан кон стадионот „Стад де Франс“ каде продолжи церемонијата. Следуваше дефилето на знамињата.

Во првиот дел од програмата спортистите ги забавуваа два истакнати француски бенда, дуото Air и групата Phoenix.

Во протоколарниот дел од програмата, претседателот на Организациониот одбор, Тони Естанже, им се заблагодари на сите учесници, волонтери, гледачи, а особено на спортистите.

„На вас спортистите, што можам да ви кажам? Знаевме дека ќе бидете брилијантни, но бевте волшебни. Во име на милијарди љубители на спортот на петте континенти, многу ви благодарам“, им порача Естанже на спортистите.

„Вашите настапи беа неверојатни, се натпреварувавте жестоко, на работ од совршенството. Ни покажавте какви височини се способни да достигнат луѓето. И покрај сите тензии во нашиот свет, дојдовте овде од сите 206 национални олимписки комитети и Олимпискиот тим на бегалци, за да го натерате Градот на светлината да блесне посилно од кога и да било претходно. Живеевте мирно во олимпиското село, се почитувавте, создадовте култура на мир“, додаде меѓу другото претседателот на Меѓународниот олимписки комитет, Томас Бах.

„Олимписките игри во Париз 2024 година беа прослава на спортистите и спортот во неговот најдобро издание. Ова беа првите Олимписки игри целосно во согласност со реформите на нашата олимписка програма, помлади, поурбани, поинклузивни, поодржливи. Првите Олимписки игри со целосна рамноправност на половите. Ова беа сензационални Олимписки игри од почеток до крајот, или ќе се осмелам да кажам: Сена-зационална Олимпијада“, рече Бах.

Еден од најважните моменти на церемонијата беше предавањето на олимпиското знаме од страна на градоначалничката на Париз, Ана Идалго на градоначалничката на Лос Анџелес, Карен Бас, домаќинот на следните Олимписки игри во 2028 година.

На затворањето присуствуваше американската филмска ѕвезда Том Круз, кој во април сними неколку видео спотови на мотоцикл со големо олимписко знаме на улиците на француската престолнина, а потоа и во близина на натписот Холивуд над Лос Анџелес. Круз се спушти од врвот на „Стад де Франс“, сподели илјадници селфи, го зема олимпиското знаме, излета од стадионот со мотоцикл, се возеше по улиците на Париз а потоа скокна во авионот за Лос Анџелек а потоа искокна со падобран на познатото холивудско обележје.

Неговото видео во стилот на филмската франшиза „Невозможна мисија“, во кое тој глуми, симболично го означи затворањето на Олимписките игри во Париз и отворањето на Олимписките игри во Лос Анџелес.

Планинската велосипедистка Кејт Кортни, славниот атлетичар четирикратниот олимписки шампион Мајкл Џонсон и легендата на скејтбордингот Џегер Итон му помогнаа во носњето на олимпиското знаме на познатата плажа Венис во Лос Анџелес.

Штафетата заврши на плажата Венис, каде што кратка музичка програма изведоа изведувачи од Лос Анџелес – Били Ајлиш, Ред Хот Чили Пеперс, Снуп Дог и д-р Дре.

На самиот крај од церемонијата на „Стад де Франс“, Маршанд се појави носејќи го пламенот, кој го изгасна заедно со францускиот џудист Теди Ринер, австралиската пливачка Ема МекКеон, кубанската борачка Мијаин Лопез, кенискиот атлетичар Елиуд Кипчоге, азискиот пинг-понг Сун Јингша, и претставник на тимот на бегалците Синди Винер Џанкеу Нгамба.

Одличната париска вечер на „Стад де Фран“ заврши со песната „Мојот пат“ на легендарниот Френкт Синатра испеана од Иселт и голем огномет.

- Реклама -