Тетоважите станаа популарни колку и дупнато уво, ама некои тетоважи никогаш нема да станат дел од поп културата, пред сé бидејќи потекнуваат и се резервирани за луѓето што го живеат животот зад решетки. Затворските тетоважи, во Америка познати и како „црно-сиви“, се опасни од многу аспекти: процесот е нелегален, па затворениците изработуваат своите импровизирани алатки и мастило, што води кон тоа студиите да покажат тесна поврзаност помеѓу затворските тетоважи и високиот степен на хепатитис Ц помеѓу затворениците.
Во затвор нема пеперутки, трајболи или погрешно интерпретирани кинески букви. Има вакви:
1. Солза
Веројатно е најпознатата тетоважа асоцирана со криминал и затвор. Солзата може да биде празна или целосно обоена. Има многу приказни за тоа зошто затвореник би ја истетовирал оваа тетоважа, но најчестото објаснување е дека празната солза симболизира смрт на некој близок, додека полната може да значи дека смртта била одмаздена. „Некогаш“, велат од FBI, само тој што ја носи го знае правото значење“. Солзите исто така можат да симболизираат жалење во генерална смисла; на пример, се зборува дека солзата на Ејми Ванјхаус била посветена на нејзиниот поранешен сопруг во робија.
2. Часовник без стрелки
Таква тетоважа се однесува на американскиот израз „doing time“, со значење „одлежување на затворска казна“ кај осудените на долго време. Се сретнува и во облик на песочен часовник.
3. Пајакова мрежа
Обично се тетовира на лактот и ја симболизира идејата на тоа да се биде заробен и за текот на времето „прекриен со пајакови мрежи“ т.е. долго изминато време.
4. Борсталов белег
Сина точка на лицето – позната како „Борсталов белег“, означува време поминато во борстал – британски систем за деликвенти создаден во 1902 година. Борсталите се карактеризиаа со строга едукација, оброци и дисциплина – затвори што потсетуваат на војска. Борсталите беа исфрлени од употреба во 1980-тите, па денес ретко некој има ваква тетоважа; претежно ги носат луѓе што не биле во затвор, ама сакаат да изгледаат опасно.
5. ACAB
Најчесто се работи за 4 точки на коскениот гребен на тупаницата, или испишани самите букви, било на раката или на друго место. Многумина од вас знаат што значи, за другите – „All Coppers Are Bastards“ („сите џандари се копилиња“). Зависно од ситуацијата, може да значи и [А]lways [C]arry [A] [B]ible“ – „секогаш носи Библија“.
6. EWMN
Овој акроним не е специфичен само за затворите. Популарен е и меѓу моторџиите, а значи „Evil Wicked Mean Nasty“ – злобен, луд и опасен. Не е чудно што луѓе што сакаат да се такви често завршуваат во затвор.
7. АB
Што и да ви кажат дека значи AB, ве лажат, освен ако не ви признаат дека се работи за акроним за Aryan Brotherhood т.е. „ариевско братство“. Ја носат членовите на белите расистички неонацистички организации. Некогаш користат и други имиња, како Alice, One-Two, Tip и Brand.
8. Три точки
Трите точки обично се носат под окото или на раката, а кај Латино затворениците обично ги симболизираат трите збора „mi vida loca“ („мојот луд живот“) или пак католичкото свето тројство. Културо-антропологот Марго ДеМело вели дека трите точки можат да потекнуваат и од француската криминална тетоважа, кај која трите точки означуваат „mort aux vaches“ т.е. „смрт за кравите“ – „кравите“ е полицијата.
9. Пет точки
Петте точки имаат поинакво значење. Обично се популарни кај руските затвореници и го симболизираат осуденикот (централната точка) опколен од затворски стражарски кули (околните 4 точки). Има и исклучоци: Томас Едисон имал таква тетоважа на раката.
10. Потсмевлива насмевка
Уште една тетоважа типична за руските затвореници. Означува големо непочитување и често отсликува руски или советски лидери во безобразни и вулгарни позиции. Пораката е дека затвореникот, најчесто затворен на долго време, „не го боли к*р“ за тоа што мислат властите.
11. Нож низ вратот
Ако тип со тетовиран нож низ вратот ви звучи страшно, тоа е добра ствар. Во руските затвори, таквиот симбол значи дека тој што го носи е убиец. И тоа горд убиец.