Како што е познато, кокаинот е една од дрогите која има мошне силен ефект на зависност врз мозокот, па така тие што го користат често преживуваат обесхрабрувачки круг на рехабилитација и повторна зависност. Лекување предводено од психијатрот Том Костен од Колеџот за медицина Бејлор, се верува дека наскоро ќе може да им помогне на уживателите на кокаин да го прекинат тој маѓепсан круг.
За што, всушност, станува збор?
Неодамна, Костен го завршил првото плацебо – контролирано клиничко испитување за вакцина против зависност од кокаин. Вакцината, која времено ги блокира ефектите на дрогата, се состои од кокаинска молекула прицврстена на површината на еден неактивен токсин – протеин на болеста “колера”. По примањето на инјекцијата која го содржи овој токсин-протеин, телото генерира антитела кои одговараат на колера протеинот и на кокаинот.
Ако кокаинот последично влезе во крвотокот, антителата се приврзуваат на него и го неутрализираат пред тој да стигне до мозокот и да предизвика ослободување на невротрансмитерот допамин, кој предизвикува корисниците да се чувствуваат расположено.
Во своето испитување, Костен открил дека 50% од корисниците на кокаин, откако ја примиле оваа инјекција, имале урина без траги од кокаин кога биле тестирани 8-16 недели по вакцинацијата, споредено со 35% на оние кои добиле плацебо (празна) инјекција.
– Кога антителата го блокираа кокаинот, лицата кои го користат кокаинот, не го чувствуваат неговиот ефект – вели Костен, па така дрогата ја губи својата примамливост, што е добро!
За жал, за време на истражувањето се појавиле неколку проблеми. Еден од тие проблеми е фактот што само 38% од вакцинираните развиле високо ниво на антитела против дрогата. Тимот предводен од Костен работи на зголемување на производството на антитела после примање на вакцината. Друг проблем кој се јавил е тоа што заштитата со оваа вакцина трае само два месеца, што е многу кусо време. Костен очекува дека корисниците ќе примаат посилни инјекции на секои неколку месеци, приближно две години, за да можат да бидат целосно ослободени од зависноста.
Исто така, тој за да провери дали вакцинираните зависници се свртеле кон други дроги, ги тестирал од зависност на метамфетамин (помалку штетна алтернатива на кокаин), но не нашол доказ за нивна употреба. Покрај истражувањата за лекувањето од кокаинска зависност, Костен испитувал и вакцини против хероин, никотин и метамфетамин.
На тестовите со животни тој утврдил дека лекувањето од овие дроги со инјекција, може, исто така, да произведе високи новоа на антитела против составните делови на дрогата, што влева надеж во позитивните резултати од неговите истражувања.
Како и да е, подалеку од каков било вид на наркотици, бидејќи се штетни и опасни, освен ако не се искористени како лек при одредени лекови и болести!
Оваа статија е преземена од списанието за наука и техника ЕМИТЕР