„Showtime“ објави дека наградуваната серија „Dexter“ ќе заврши ова лето.
Серијата со Мајкл Си Хол во главната улога ги преминала границите на насилство и црн хумор на телевизија и ќе биде завршена oвa лето по осум сезони.
„Кога почнавме во 2006 година Dexter го редефинираше жанрот и ги одведе антихероите до нови висини. Неговото културно влијание ќе се чувствува и во наредните години“, наведува „Showtime“ во соопштението.
Хол за улогата на Декстер доби Златен глобус и награда од Здружението на актери. Серијата има над 13 милиони фанови на Фејсбук, а минатогодишното финале на седмата сезона го гледале околу седум милиони Американци.
Хол, кој е извршен продуцент на серијата, рекол дека неговиот лик е спремен да ја затвори книгата затоа што неговиот таен живот е откриен.
„Играта мора да заврши. Откако Деб го откри сметавме дека се движиме кон крајот на светот на Декстер“, рекол тој.
Финалната сезона ќе почне да се емитува на 30 јуни.