Зеленски гневен поради масовниот руски напад: „Ја уништија целата зграда“

Повик за одговорност кон Москва

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска ја изрази потребата од казнување на Москва по трагичниот настан во Киев, каде во руски ракетен напад загинаа 24 лица, вклучувајќи три деца. При својата посета на местото на несреќата, Зеленски положи црвени рози на урнатините од станбената зграда, а спасувачките екипи веќе ја завршија потрагата во зградата, која беше погодена за време на најинтензивниот руски воздушен напад на украинската престолнина во оваа година.

„Нашите спасувачи работеле без прекин повеќе од 24 часа“, напиша Зеленски на социјалните мрежи по посетата во населбата Дарница, каде што се сретна со спасувачите. Тој истакна дека во нападот руските сили буквално срамнеле со земја дел од зградата.

Според наводите на украинските власти, Русија, која ја започна полномасната инвазија врз Украина во февруари 2022 година, за само два дена испратила повеќе од 1.500 дронови и десетици ракети кон цели низ Украина. Во нападите загинаа и шест лица во западниот дел на земјата, далеко од фронтот.

Киевските власти прогласија петок за Ден на жалост, а државните знамиња во градот беа спуштени на половина коњ. Сите јавни настани беа откажани или одложени. Граѓаните носеа цвеќе, плишани играчки и слатки на импровизираниот меморијал, создаден во чест на жртвите.

Прочитајте и:  Европската унија ја отвори вратата за Украина и Молдавија, започна првото преговарачко поглавје.

Министерството за внатрешни работи на Украина соопшти дека стотици спасувачи пребарувале околу 3.000 квадратни метри урнатини во текот на 28 часа. Според градските власти, биле извадени 24 тела, а околу 30 лица биле спасени живи. Речиси 50 луѓе имале повреди, а околу 400 побарале психолошка помош.

Зеленски истакна дека првичните анализи покажуваат дека зградата била погодена со неодамна произведена руска ракета Х-101. Од друга страна, Москва негира дека целела на цивили, и покрај тоа што за време на четиригодишниот конфликт, многу пати биле погодени станбени згради и цивилна инфраструктура во Украина.

Во меѓувреме, Украина реализираше напади со дронови врз Русија. Денеска, во нападот на рускиот град Рјазањ, загинаа четири лица, вклучувајќи и едно дете, и беа оштетени станбени згради, а индустриско претпријатие беше погодено. Украина потврди дека погодила рафинерија за нафта во Рјазањ.