Зеленски го одликуваше Талат Џафери со орден „Јарослав Мудриот“

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска им додели ордени „Јарослав Мудриот“ на неколку странски политичари, а на листата е и претседателот на македонското Собрание – Талат Џафери.

Указот е објавен на официјалната веб страна на Претседателот на Украина.

Орденот го носи името на Јарослав Мудриот – принц на Киев од 1019 година сѐ до неговата смрт во 1054-та, а се доделува за „значајни лични заслуги во зајакнувањето на меѓудржавната соработка, поддршката на државниот суверентитет и територијалниот интегритет на Украина и значителен придонес во популаризацијата на украинската држава во светот“.

На листата се и претседателите на германскиот, полскиот, францускиот, норвешкиот, ирскиот, латвискиот, естонскиот, литванскиот и хрватскиот парламент, но и претседателката на Претставничкиот дом на Соединетите Американски Држави – Ненси Пелоси.

Прочитајте и:  Турција бара од САД да биде изземена од санкциите за рускиот гас

Џафери во април ја посети Украина на покана на украинскиот колега Руслан Стефанчук, при што ги посети градот Ирпин и разурнатата писта во Хостомел, а се сретна и со Зеленски во Киев.

При посетата, Џафери вети дека лично ќе се заложи сцените од Украина да бидат наречени со, како што нагласи, правото име – „геноцид“. За својата посета, Џафери тогаш истакна дека е симбол на лична, институционална и на поддршка од граѓаните на Северна Македонија за Украинците и институциите на Украина.

Како што потврдиле од Собранието за МИА, одликувањето на Џафери ќе му биде врачено во Загреб, на конференцијата на Кримската платформа која ќе се одржи на 25 октомври годинава.

- Реклама -