Зеленски „го погреба“ НАТО: „Од денес, секој згаснат украински живот е и на ваша директна одговорност“

„Многу од нас Украинците имаат традиција да се сеќаваат на оние кои не се со нас на деветтиот ден (од смртта). Вечна памет на сите оние што умреа за Украина“, порача во своето синоќешно обраќање украинскиот претседател Володимир Зеленски, фалејќи ја огромната храброст и нескршлив дух на украинскиот народ во борбата со „рускиот окупатор“.

По едноминутен молк за жртвите, Зеленски продолжи со исклучително остра и отворена критика кон НАТО, откако Алијансата не донесе одлука за затворање на небото над Украина, со што би се спречиле, според Зеленски, сите форми на воздушен напад од страна на руските сили. Нештедејќи гнев, Зеленски продолжи:

„За жал, денеска добивме целосен впечаток дека е време за помен и за нешто друго: Безбедносните ветувања и гаранции, решителноста на алијансите, вредностите кои, се чини, се мртви за некои. Денеска се одржа НАТО самитот. Слаб самит. Конфузен самит. Самит кој покажа дека не сите ја сметаат борбата за слобода за цел број 1 на Европа.

Сите разузнавачки НАТО канцеларии добро ги знаат плановите на непријателот. Тие исто така потврдија дека Русија сака да продолжи со офанзивата, најсилно што може. Девет дена гледаме брутална војна. Тие ги уништуваат нашите градови, тие ги гранатираат нашите луѓе, нашите деца и населени населби, цркви, школи. Тие уништуваат сѐ што овозможува нормален живот. И сакаат да продолжат.

Знаејќи дека нови напади и жртви се неизбежни, НАТО свесно одлучи ДА НЕ ГО ЗАТВОРИ небото над Украина!“, обвини Зеленски, карактеризирајќи ги НАТО земјите како слаби, но и како директно одговорни за секој згаснат украински живот, од овој момент па натаму.

„Ние сметаме дека НАТО членките самите го создадоа наративот дека затворањето на небото над Украина ќе испровоцира директна агресија на Русија против НАТО. Тоа е самохипноза. На оние кои се слаби, несигурни во себе. Внатрешно. Иако можеби имаат оружја многупати посилни од нашите.

Моравте да мислите на луѓето. На самото човештво. А на што мислевте на овој самит?

Сите луѓе кои ќе умрат, почнувајќи од овој ден, ќе умрат и поради вас! Поради вашата слабост. Поради вашата разединетост!“, рече украинскиот претседател.

Прочитајте и:  Блумберг: Европа ќе мора да ги удвои трошоците за одбрана поради војната во Украина

Тој обвини дека помошта од Алијансата досега е минимална, и ја доведе во прашање способноста на НАТО да ги брани и сопствените членки:

„Сѐ што Алијансата успеа досега да направи е да донесе 50 тони дизел гориво за Украина преку системот за поддршка, веројатно за да можеме да го запалиме Меморандумот од Будимпешта, за да гори подобро. Но, за нас, тој веќе гори, во огнот од руските трупи.

Ова ли го сакаше НАТО? Ова ли е алијансата што ја градевте?

Денеска, Алијансата даде зелено светло за понатамошно бомбардирање на украинските градови со тоа што одби да прогласи зона на забрането летање. Можевте да го затворите нашето небо, но…

… Но, не знам кого можете да заштитите и не знам дали воопшто можете да ги заштитите и своите, НАТО земји.

Вие нас не можете да нѐ купите со литри гориво за литри наша крв. Пролеана за нашата заедничка Европа. За нашата заедничка слобода. За нашата заедничка иднина“, гневен беше Зеленски.

Сепак, тој посочи дека постојат НАТО земји кои од прв ден постојано ѝ помагаат на Украина и покрај ризикот од последици:

„Но, исто така сум благодарен на нашите земји пријатели во НАТО. Таму има многу земји кои се наши пријатели, наши партнери – повеќето од моќните партнери. Тие кои ѝ помагаат на нашата земја без оглед на сѐ. Од првиот ден на инвазијата и, сигурен сум, до денот на победа. И затоа НЕ се чувствуваме осамени. Продолжуваме да се бориме. Ќе ја браниме нашата држава, ќе ја ослободиме нашата земја, благодарение на нашите херои“, категоричен беше Зеленски, по што соопшти дека доделил одликувања и медали на вкупно 76 украински херои за нивната лична храброст и несебична жртва за одбрана на украинскиот народ. За жал, како што рече Зеленски, 37 од нив се доделени постхумно.

- Реклама -